САБОТА Е ДЕН Д ЗА АМЕРИКАНСКИ НАПАД ВРЗ ИРАН? Овој пат војната може да трае повеќе од 12 дена

Американската армија е подготвена за напад врз Иран уште во сабота, но конечната одлука е во рацете на претседателот кој, според извори од администрацијата, почнува да губи трпение додека Белата куќа ги мери ризиците од голема ескалација.

1,199

Високи претставници за национална безбедност му соопштиле на американскиот претседател Доналд Трамп дека војската е подготвена за потенцијални напади врз Иран веќе во сабота, но дека временската рамка за каква било акција веројатно ќе се продолжи и по овој викенд, објави Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Трамп сè уште не донел конечна одлука за тоа дали ќе го изврши нападот, рекоа анонимните претставници.






Разговорите се опишани како „континуирани“, додека Белата куќа ги проценува ризиците од ескалација и политичките и воените последици од воздржаноста.

„Максималистичка“ војна подолга од 12 дена

Други американски извори изјавија за Аксиос дека на САД ќе им треба повеќе време за да преземат акција.

Изворите велат дека американската воена операција во Иран веројатно би била масовна, повеќенеделна кампања што повеќе би личела на вистинска војна отколку прецизната американска операција во Венецуела минатиот месец.

Аксиос, исто така, известува дека веројатно станува збор за заедничка американско-израелска кампања од многу поголем обем од 12-дневната војна предводена од Израелците минатиот јуни, на која на крајот се придружија и САД со цел да ги уништат подземните нуклеарни објекти на Иран.

Според неименувани израелски претставници, израелската Влада, која „се залага за максималистичко сценарио насочено кон промена на режимот во Иран“, се подготвува за војна во наредните денови.

„Би било добро Иран да се посоветува“

„Би било добро Иран да се посоветува да постигне договор со САД“, соопшти синоќа Белата куќа, повторувајќи дека дипломатијата останува опцијата што ја преферира претседателот Доналд Трамп, пренесе ДПА.

На прашањето за можна воена акција, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека има „многу причини и аргументи“ што би можеле да се изнесат за напад врз Иран.

– Претседателот отсекогаш бил многу јасен во однос на Иран или која било земја во светот, дипломатијата е секогаш негова прва опција, а Иран би бил многу мудар доколку склучи договор со претседателот Трамп – рече Ливит.

„Шефот губи трпение“

Американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на извор од американската администрација, објави дека  Трамп е многу поблиску до донесување на одлуката за започнување голема војна на Блискиот Исток, со операција во Иран.

Според „Аксиос“, воена акција би можела да започне многу брзо.

– Шефот почнува да губи трпение. Некои луѓе околу него го советуваат да не војува со Иран, но мислам дека веројатноста за воена акција во следните неколку недели е 90 проценти – рече изворот.

Третина од морнарицата за „операција налик Венецуела“ 

Во ретко видена демонстрација на воена моќ, околу една третина од активната флота на американската морнарица моментно е собрана на Блискиот Исток. Флотилата вклучува две ударни групи на носачи на авиони, 15 уништувачи и непознат број подморници.

Тешки транспортни авиони и танкери за полнење гориво, исто така, го преминаа Медитеранот и се упатуваат кон позиции на Блискиот Исток.

Аранжманот потсетува на силите што беа собрани во Карибите пред американските сили да извршат воена операција против венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

Во исто време, Иран ја демонстрира својата воена моќ додека паралелно спроведува дипломатски активности. Јавните услуги за следење на бродови, сателитските снимки и податоците од системот за автоматско зависно набљудување (АДС-Б) го откриваат распоредувањето на силите во реално време.

Нема брзи преговори

Во вторникот во Женева се оддржа вториот круг од разговорите меѓу САД и Иран. По состанокот, Техеран ги намали очекувањата за брз пробив, иако шефот на дипломатијата, Абас Арагчи, рече дека патот кон договор е започнат, потсетува ДПА.

Неименуван американски функционер оцени дека е постигнат напредок, иако многу детали остануваат нерешени. Се очекува иранската страна да се врати во рок од две недели со детални предлози насочени кон намалување на разликите меѓу двете страни, изјави висок функционер на администрацијата.

Најновите дискусии се фокусирани првенствено на иранската нуклеарна програма, бидејќи Вашингтон со години се обидува да го спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје.

Разговорите доаѓаат во услови на ескалација на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, откако иранските безбедносни сили брутално го задушија бранот протести во јануари, при што илјадници лица беа пријавени како убиени.

Во одговор на тоа Трамп му се закани на иранското раководство со воена интервенција и испрати огромна воени армада во регионот на Блискиот Исток, вклучувајќи два носачи на авиони, потсетува ДПА.

Поврзани содржини