„СЀ ЗА УКРАИНА МОРА ДА СЕ РЕШАВА СО УКРАИНА“ Европа и САД усогласени пред средбата Трамп – Путин

Европските лидери и американскиот претседател Доналд Трамп најавуваат силна дипломатска офанзива за прекин на огнот во Украина, само два дена пред клучниот самит со Владимир Путин во Алјаска.

226

Европските лидери изразија задоволство од денешните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп пред неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, која ќе се одржи в петок. Главната цел, како што истакнаа, е постигнување прекин на огнот во Украина.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон порачаа дека одлуките за Украина не можат да се донесат без самата Украина и дека таа мора да биде вклучена во секоја конечна одлука. Двајцата ја поддржаа идејата за можен иден трилатерален самит со Трамп и Путин.






Макрон откри дека американскиот претседател ќе побара прекин на огнот директно од Кремљ.

– Американската волја е да се добие прекин на огнот на крајот од оваа средба – изјави францускиот лидер, нагласувајќи дека претседателот Володомир Зеленски мора целосно да биде вклучен во сите преговори меѓу Русија и САД.

Тој додаде дека разговорите со Трамп биле шанса да се разменат намерите и очекувањата за средбата на 15 август.

– Добро е што Русија и САД разговараат, но важно е Европа да биде слушната кога станува збор за војната во Украина – додаде Макрон.

По средбата, германскиот канцелар Мерц изјави дека е „многу среќен“ што Зеленски можел да го посети Берлин и заедно да одржат видео-конференција со европските лидери и Трамп.

Тој потсети дека токму на 13 август, пред 64 години, започнала изградбата на Берлинскиот ѕид – „симбол на поделбата на Европа“ – и нагласи дека руската инвазија повторно ја отвори таа поделба.

Мерц потенцираше дека Европа прави сè за да ја постави агендата за состанокот во Алјаска и изрази надеж за успех.

– Во Алјаска мора да бидат заштитени безбедносните интереси на Европа и Украина – рече тој.

Според него, „правилната хронологија“ е прво прекин на огнот, а потоа долгорочен мировен договор, додавајќи дека правно признавање на руската сопственост врз украинска територија не смее да има.

Канцеларот предупреди дека, ако нема отстапки од Москва, Европа и САД ќе бидат принудени да извршат поголем притисок врз Путин, нешто што, како што истакна, и Трамп го прифаќа.

Украинскиот претседател Зеленски му се заблагодари на Мерц, како и на Германија и сите партнери – меѓу кои Урсула фон дер Лајен, Марк Руте, Џорџа Мелони и Емануел Макрон за поддршката.

– Сè што се однесува на Украина мора да се дискутира со Украина, мора да бидеме дел од разговорот – порача тој.

Зеленски повика на нови санкции против Русија ако Кремљ не се согласи на прекин на огнот, оценувајќи дека Путин „блефира“ и се обидува да изврши притисок по целата фронтовска линија.

– Русија се преправа дека може да ја окупира цела Украина, тоа не е вистина. Путин не сака мир, сака да ја окупира нашата земја – изјави тој.

Тој нагласи дека санкциите му штетат на руската воена економија и додаде дека на средбата во Алјаска очекува токму прекинот на огнот да биде централната тема. Трамп, според него, ветил дека ќе останат во контакт по разговорите со Путин за да се дефинираат следните чекори.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по денешниот разговор со Трамп и европските лидери изјави: „Го ценам лидерството на Трамп и тесната координација со сојузниците. Топката сега е во дворот на Путин“.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така го поздрави „многу добриот разговор“ со американскиот претседател, додавајќи дека Европа, САД и НАТО ја зајакнале заедничката основа за Украина и ќе останат во тесна координација.

Самитот меѓу Трамп и Путин ќе се одржи во заедничката воена база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, потврди официјален претставник на Белата куќа.

Поврзани содржини