СЀ УШТЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОЦЕНИ ДАЛИ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е БЕЗБЕДЕН Деканот на Градежниот факултет нема идеја како е донесена одлуката за делумно пуштање во употреба
Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба, истакна деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, вели дека во овој момент не може да се оцени дали мостот „Беласица“ во Скопје е безбеден за употреба или не, и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
– Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не – рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.