Русковска за идниот лидер Боки 13-ка: Секој има право да сонува
Судењето продолжува на 1 јуни со завршни зборови на Јовановски и на Јанева.
Обвинителката Вилма Русковска денеска ја коментираше изјавата на Боки 13 дека тој ќе биде идниот лидер на земјава.
– За тоа дека ќе биде идниот лидер, само ќе кажам – секој има право да сонува – рече Русковска.
Таа ги коментирала и зборовите на Јовановски дека е политички затвореник, на што рекла дека за такво нешто тој треба да биде политичар или да има политички ангажман, што Боки го немал.
– Боки 13-ка има 36.000 следачи на социјалните мрежи и воопшто не може да се каже дека е влијателен. Тие следачи можат да бидат од разни причини, а не оти тој бил влијателен и оти некој би сакал да купи некое парче бидејќи го носел Боки. Ајде да бидеме сериозни – рече Рускоска денеска во завршните зборови.
Таа вели дека кај Боки воопшто не нашле покани за модни ревии во странство, туку само благодарници од луксузни продавници за тоа колку пари оставил кај нив.
Обвинителката кажа и на кои работни места Бојан Јовановски бил вработен. Покрај МТВ и А1 телевизија, Боки навел дека работел и во Топ шоп.
– Што има да се работи во топ шоп, тие снимаат реклами. Но дури ни за тоа не доставија доказ – додаде Русковска.
Судењето продолжува на 1 јуни со завршни зборови на обвинетите Јовановски и на Катица Јанева.