РУСКИТЕ СИЛИ ПОТИСНАТИ НА ТРИ ДО ОСУМ КИЛОМЕТРИ ОД ДЊЕПАР Украина објави значителен напредок на фронтот
Украинската противвоздушна одбрана денеска соопшти дека во текот на ноќта уништила 15 од 20 лансирани руски беспилотни летала за напади врз земјата.
Украинската армија денеска објави дека ги потиснала руските сили на три до осум километри во внатрешноста на левиот брег на реката Дњепар.
– Првите податоци варираат од три до осум километри во зависност од спецификите, географијата и топографијата на левиот брег – изјави портпаролката на армијата Наталија Гумењук.
Доколку се потврди оваа вест, тогаш тоа ќе биде најголемиот напредок на украинската војска во последните неколку месеци.
Портпаролката додаде дека во оваа област има неколку десетици илјади руски војници и дека украинските сили „имаат многу работа“.
Украинската противвоздушна одбрана денеска соопшти дека во текот на ноќта уништила 15 од 20 лансирани руски беспилотни летала за напади врз земјата.
Од друга страна, руските противвоздушни сили ноќеска, еден час по полноќ, соопштија дека уништиле беспилотно летало, што било упатено кон Москва.
Според првичните информации, нема жртви или предизвикана штета од падот на деловите од соборениот дрон.
Интерфакс Украина наведе дека руските сили од север, од областа Курск, нападнале со дроновите „Шахед“. Украинската ПВО, се додава, дејствувала во регионите Киев, Полтава и Черкаси.
Претходно градските власти на Киев соопштија дека Русија втор ден по ред со дронови го напаѓа главниот град на Украина и дека воздушната опасност во Киев се најавува по неколку пати на ден. Според досегашните информации, во нападите нема повредени ниту поголема материјална штета.