РУСКИ ХАКЕРИ ГО НАПАЃААТ НАТО Какви тајни информации се обидуваат да приберат?
Активностите на руската група биле разоткриени во септември 2024 година, а нејзините напади се прошириле и кон британски цели. Хакери, маскирани како новинари, се обиделе да извршат сајбер-напад врз вработените во британското Министерство за одбрана.
Холандските и британските разузнавачки служби алармираат за руска хакерска група, наречена „Laundry Bear“, која, според нив, е поврзана со руските безбедносни структури и извршува кибернапади врз НАТО, холандската полиција и врз други западни институции.
Целта на групата е прибирање доверливи податоци, поврзани со воената опрема, особено со испораките за Украина.
Истражувањата покажуваат дека групата делува барем од 2024 година, а се верува дека има институционална поддршка од Русија.
Активностите ѝ биле разоткриени во септември 2024 година, а нејзините напади се прошириле и кон британски цели – каде што, маскирани како новинари, хакери се обиделе да извршат сајбер-напад врз вработените во британското Министерство за одбрана, објави Ројтерс.
Нападот бил спречен навреме, а британските власти известуваат за значителен раст на ваквите закани – над 90.000 обиди за 2 години.