РУСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА ПРИСТИГНА, СЕ ОЧЕКУВААТ УКРАИНЦИТЕ Путин не планира да дојде во Истанбул

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека Русија сериозно пристапува кон преговорите со Украина, додавајќи дека сите во руската делегација се посветени на сериозна и професионална работа. Разговорите можат да доведат до договор за прекин на огнот, иако тоа, како што е нагласено, зависи од напредокот на разговорите.

349

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека руската делегација веќе пристигнала во Истанбул и е подготвена да ги започне директните преговори со Украина, додека украинската страна сè уште не е пристигната.

Песков наведе дека руската страна ги чека украинските преговарачи, а преговорите се очекуваат во следните неколку часа, најверојатно за 2 до 3 часа, јавија руските медиуми.






Песков посочи дека плановите за можен преговарачки процес, кој го иницираше претседателот на Русија, Владимир Путин, а кој предвидува директни разговори без предуслови, беа претходно презентирани.

Разговорите би можеле да доведат до договор за прекин на огнот, иако тоа, како што е нагласено, зависи од напредокот на разговорите.

Тој, исто така, рече дека во моментов нема планови Путин да ја посети Турција во наредните денови.

Песков повтори дека Русија сериозно пристапува кон овие преговори, додавајќи дека сите во руската делегација се посветени на сериозна и професионална работа.

– Нашата делегација е подготвена да вложи максимални напори за да бидат преговорите продуктивни – рече Песков, потсетувајќи дека составот на руската делегација бил познат однапред.

Руската делегација ја предводи помошникот на претседателот, Владимир Медински, а има и други клучни претставници, како што се заменик-министерот за надворешни работи, Михаил Галузин, и началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на руските вооружени сили, Игор Костјуков.

Путин претходно предложи продолжување на директните преговори со Украина со цел да се постигне долгорочен и траен мир.

Според Песков, главната цел на тие преговори е да се елиминираат причините за конфликтот и да се обезбедат интересите на Русија.

Русија јасно ја искажа својата посветеност на наоѓање мирно решение, но остануваат прашањата за деталите и за можниот исход од разговорите.

Исто така, Песков ги негираше шпекулациите за можна посета на Путин на Истанбул, потврдувајќи дека во моментов нема такви планови.

Преговорите ќе се одржат во истиот простор во Истанбул како и во 2022 година, во канцеларијата на администрацијата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Се очекува турската страна, која е посредник во овој процес, да овозможи разговорите да бидат што е можно попродуктивни.

Песков рече и дека не се прават никакви подготовки за средба меѓу Путин и американскиот претседател, Доналд Трамп, во наредните денови.

– Не, нема подготовки за наредните денови. Прашањето сè уште не е суштински договорено, не е покренато, па затоа засега немаме што да кажеме – рече Песков.

Поврзани содржини