РУСИНОТ НЕ НИ Е КРИВ ЗА ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИНОТ Туѓите влијанија постојат оти ние сме дозволиле да постојат

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, смета дека руското влијание секако е присутно и е прилично силно на овие простори, но како што посочува, никако не смееме да бараме оправдување и да ја фрламе вината врз Русите поради тоа што досега не сме добиле датум за членство во Европската Унија.

954

Не се виновни третите земји коишто влијаеле врз македонско-бугарскиот спор и практично го оневозможиле членството на Македонија во Европската Унија, туку виновни се токму Скопје и Софија кои не биле доволно паметни за да изградат независни политички институции чија задача ќе биде да ја одржуваат волјата на двата народа и да се справуваат со туѓите влијанија.

Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, откако и официјална Софија и официјално Скопје деновиве започнаа да градат наратив и да се правдаат дека нивните лоши односи се резултат на влијанието на трети земји. Ваквиот наратив оди дотаму што на човек во еден момент му доаѓа да се запраша дали Бугарија и Македонија имаат воопшто некаков заеднички проблем, или, пак, сѐ е „руско масло“?!






Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, смета дека руското влијание секако е присутно и е прилично силно на овие простори, но како што посочува, никако не смееме да бараме оправдување и да ја фрламе вината врз Русите поради тоа што досега не сме добиле датум за членство во Европската Унија.

Интерес на Македонија е членство во Европската Унија и тогаш вреди да се спротивставиме на спротивните интереси кои нѐ тераат подалеку од нашата цел.

Денко Малески Прв министер за надворешни работи

– Ние влеговме во еден период на нова Студена војна. Кога го велам ова, првата асоцијација, секако, паѓа на старата Студена војна во којашто логиката на едната страна кон другата беше да расипе сѐ што може да расипе. Политиката тогаш беше многу едноставна и тоа што беше добро за едната страна, всушност беше лошо за другата страна. Во таа смисла може да се каже дека реализирањето на проектот за интеграција на Западен Балкан во западниот сојуз и ширењето на онаа транс-атлантска зона на демократии во рамките на НАТО и на ЕУ, не е нешто што ѝ одговара на Русија. Од тој аспект, Русите немаат никаква причина тоа да го помагаат, туку напротив, ако можат нешто ќе направат за да си го заштитат својот национален безбедносен интерес. Најеклатантен пример е сето тоа што се случува сега во Украина, но постојат и други пософистицирани начини за да се влијае и да се расипат проектите на спротивната страна – објаснува Малески.

Не е чудно тоа што се зборува за руско влијание во Бугарија, додава тој, затоа што во целиот тој повоен период по падот на Берлинскиот ѕид, токму Бугарија беше една од најверните земји-сателити на Москва и сигурно е дека сѐ уште се чувствува тоа влијание кај нашиот источен сосед.

– Со прогламирањето на демократијата, не значи дека руското влијание во Софија е отсутно. И ние исто така бевме дел од една федерација во којашто најмоќната држава беше Србија и центарот на нашата политика исто така беше Белград. Според тоа, влијанието беше силно. Денешната ситуација е поинаква, со оглед на тоа што сега ние сме сојузници со Бугарија во НАТО и наша задача е нашите политики да бидат автентичен одраз на интересите на нашите две земји. Интерес на Македонија е членство во Европската Унија и тогаш вреди да се спротивставиме на спротивните интереси кои нѐ тераат подалеку од нашата цел – вели Малески.

На прашањето дали сега Македонија ќе беше дел од ЕУ доколку не постоеше руското влијание врз македонско-бугарскиот спор, Малески ни одговари:

– За жал, во меѓународните односи не можеш да правиш експеримент, да се вратиш во минатото или да одиш во иднината за да би имал јасен заклучок што би било кога би било. Но, во случајов, никако не смееме целата вина да ја фрлиме врз Русија и да речеме дека поради нив ние не сме дел од европското семејство. Оти, и Македонија и Бугарија треба да бидат доволно умни за да изградат независни институции кои ќе ја одржуваат волјата на нашите народи и коишто во еден ваков опасен свет ќе знаат да се справуваат со туѓи влијанија. Треба да бидеме свесни за големите игри на меѓународната сцена и за тоа кој во која насока влијае. Постојат служби коишто треба да се грижат за овие прашања – истакна Малески.

И аналитичарот Александар Кржаловски во изјава за „Слободен печат“ вели дека се значително преувеличени обвинувањата кон Русија дека го спречува нашиот пат кон ЕУ и НАТО.

– Не дека не ѝ одговара на Русија да не сме членки, но тоа повеќе се однесува на НАТО отколку на ЕУ, така што е релативно беспредметно да се користи тој аргумент. Исто така, не е исклучено дека актуелното „кочење“ од Бугарија е под дејство на руски интереси кај нив, но многу повеќе причините за нашиот застој во овие 17 години треба да се гледаат на Запад. Имено, најмногу во трите членки на ЕУ кои тоа веќе и експлицитно го потврдија со вето на одлуката за започнување преговори, Грција, Франција и Бугарија, а не би исклучил дека некоја друга членка премолчено го поддржува ова што сега го прави Бугарија – вели Кржаловски.

За бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, пак, освен руско влијание врз македонско-бугарскиот спор, постои и силно српско влијание.

– Во односите меѓу Македонија и Бугарија, а најмногу во однос на наметнатото вето од страна на Бугарија, има влијание на трети страни и тие трети страни за мене се прилично јасни – тоа е Србија и тоа е Русија – изјави Владимиров во вчерашното издание на „Топ тема“ на Телма.

Владимиров: Влијанието на Русија во Бугарија е многу силно, а тоа најдобро се гледа кога ќе се погледне економијата во земјата.

Тој оцени дека влијанието на Русија во Бугарија е многу силно, а како што посочи, тоа најдобро се гледа кога ќе се погледне економијата во земјата.

– Најголемата фирма во Бугарија е во руска сопственост, тоа е Лукоил Бугарија. Над 95% од нафтата и гасот во Бугарија доаѓаат од Руската Федерација. Имаме огромна зависност од Русија. Реформската влада на Петков е првата влада во новата политичка историја на Бугарија, значи 30 години од 90-тите, кое работеше и за еден месец ќе ја пушти гасоводната врска со Грција, како алтернативен извор за достава на гас. Тоа е разликата меѓу тоа што беше досега во Бугарија и новата реформска влада. Русија има огромно влијание во Бугарија – вели Владимиров.

Според него, двајцата највисоки бугарски функционери во моментов, премиерот Кирил Петков и претседателот Румен Радев, имаат различни гледни точки, кои се очигледни.

– Претседателот Радев е претставник на поконзервативната политика, дури во одреден степен, на малку повеќе националистичката политика, додека премиерот Кирил Петков е претставник на полибералната, поевропската политика – оцени Владимиров.

Поврзани содржини