Русија планира да произведе 30 милиони дози од експерименталната вакцина против ковид-19 годинава, со можност да произведе уште 170 милиони во странство, изјавил за агенцијата Reuters директорот на рускиот Фонд за директни вложувања, Кирил Дмитриев.
Првото испитување на вакцината на луѓе, кое траело еден месец и во кое учествувале 38 лица, завршило оваа седмица. Научниците заклучиле дека е безбедна за користење и дека предизвикува имунолошки одговор, иако засега силата на тој одговор уште не е јасна.
Поголемата, третата фаза од испитувањето, во којашто ќе бидат вклучени неколку илјади луѓе, би требало да започне во август, изјавил Дмитриев.
– Веруваме дека врз основа на досегашните резултати во Рисија ќе биде одобрена во август, а во некои други земји во септември… што значи дека би можела да стане првата одобрена вакцина во светот – додал Дмитриев.
Во светот се развуваат повеќе од 100 можни вакцини со кои треба да се направи обид да се спречи пандемијата која се заканува со втор бран есенва. Најмалку две се во завршната трета фаза од испитувањата кај луѓе, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО – WHO). Едната ја развива кинески „Sinopharm“, а втората „АstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд.
Произведувачите се занимаваат со прашањато како масовно да се зголеми производството за да се задоволат глобалните потреби.