РУСИЈА ЈА ОБВИНИ ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ЗА ВМЕШАНОСТ ВО УКРАИНСКИОТ НАПАД ВРЗ БРЈАНСК Кремљ „ќе го земе предвид“ британското учество, од Лондон нема коментар

Очигледно е дека лансирањето ракетите „Сторм шедоу“ не е можно без британски експерти, ние сме свесни за тоа, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

219

Кремљ денеска ги обвини британските експерти за вмешаност во смртоносниот украински напад врз рускиот град Брјанск, во кој беа употребени британските ракети „Сторм шедоу“.

Прашан дали ќе има воен одговор на употребата на британските ракети против суверена руска територија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија ќе го земе предвид британското вклучување.






– Очигледно е дека лансирањето на овие ракети не е можно без британски експерти. Ние сме свесни за тоа, добро го знаеме и секако ќе го земаме предвид. За да се спречат понатамошни варварски дејствија на режимот во Киев, се спроведува специјална воена операција, а една од целите на операцијата е демилитаризација на Украина – изјави Песков.

Досега нема коментар од Лондон. Русија редовно повторуваше дека на Украина ѝ се потребни западни експертизи, податоци за целите и сателитски снимки за лансирање напредни ракети длабоко на руска територија.

Гувернерот на регионот Брјанск утрово соопшти дека во вчерашниот напад загинале најмалку 6 цивили, во „терористички ракетен напад“.

Украина објави дека погодила клучна фабрика за производство на компоненти за ракети, а  Москва ја обвини дека намерно гаѓала цивили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев нападнал една од најважните воени фабрики во Брјанск, која произведувала електроника за руски ракети.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека нападот бил однапред смислен и насочен против цивили и ги повика ОН да проценат што се случило.

🎥 УКРАИНА УПОТРЕБИ РАКЕТИ „СТОРМ ШАДОУ“ ВО РУСКИОТ ГРАД БРЈАНСК Гаѓаа фабрика за електроника, загинаа 6 цивили

Поврзани содржини