Руси…

373

Русите се ѓаволски народ, неморални, агресивни, безобѕирни, груби и воопшто – злобни луѓе. Тие се криви за најголемите маки на светот денес. Не се тие како нас … Во општи црти, ова е содржината на секојдневните вести за Русите. Ама понекогаш, низ мрежа од предрасуди, ќе се провлече нешто, некое навестување, некој знак толку јасен, реален и вистинит, што пред неговата сила ќе се отвори и железната врата, за зад неа да ѕирнеме барем за момент, и своите душмани да почнеме да ги гледаме како сопатници, со кои не врзува заедничкото членство во Братството на среќата и болката.

На пример – Николај Пестецов. Не знам многу за него, ни кој е ни што прави, ниту пак што работи, но ќе ви го кажам она што го знам. Бил поручник во Руската армија, на 36 годишна возраст. Служел во Ангола, далеку од дома. Еднаш, неговата жена дошла во посета.






На 24 Август, јужноафриканските војни единици во Ангола и ја нападнале црвената национална герила која се криела таму. Кај селото Н’гива, налетале на руска чета. Четворица погинале, а останатите побегнале, сите освен Николај Пестецов. Тој е заробен, што се дознава од соопштението на Јужноафриканските воени сили: „Поручникот Николај Пестецов одби да се оддалечи од телото на својата сопруга, која го изгубила животот во овој напад“. Како да не веруваат, Јужноафриканците го повторуваат коминикето: „Пријде кон лешот на својата сопруга, и не сакаше да се оддалечи иако таа беше мртва“.

Колку необично … Зошто не бегал да ја спаси главата? Што го натерало да остане? Затоа што ја сакал? Зар е можно да сакал да ја гушне уште само еднаш? Дали мислел на децата, родени или неродени? Дали е можно да му било сеедно што ќе биде со него, без неа?

Можно е. Ние не знаеме. Или барем не знаеме сигурно. Но можеме да почувствуваме. Одговорот е во неговиот настап. Седи така Николај Пестецов во јужноафрикански затвор. Не некој Рус, Комунист или Непријател … Тој не припаѓа на овие категории. Тој е само обичен човек, кој во еден обичен момент ја сакал својата сопруга повеќе од се на светот.

Те поздравувам Николај Пестецов, каде и да си бил или сè уште си, и Ти благодарам што им даде толку силна смисла на ветувањата кои се секаде на светот исти, што му даде достоинство на заветот кој е ист на сите јазици. „Во добро и во зло, во здравје и во болест, ветувам дека ќе те сакам, почитувам и чувам се до смртта, нека ми помогне Бог“. Ти во тоа веруваше, го чуваше и негуваше – му даде прекрасен сјај. Господ да те благослови.

Да, Русите се ѓаволски народ, неморални, агресивни, безобѕирни, груби и воопшто – злобни луѓе. Тие се криви за најголемите маки на светот денес. Не се тие како нас … Како да не!

Овој расказ, „Руси“, е дело на американскиот писател Роберт Фулгум, од книгата „Сè што треба да знам, научив во градинка“. Го преведов и споделив како воведен дел на денешната колумна затоа што, и денес, сликата за Русија во очите на обичниот Американец, Европеец, па делумно и Македонец, не се разликува многу. И, да, можеби е погрешна.

Меѓу историјата и прагматизмот

Македонците имаат свои причини за резервираност кон Русите. И покрај сличностите – православието како доминантна религија, словенската јазична група и блискиот социјален кодекс – историјата нè учи на претпазливост.

Од руските цареви, кои активно ја поддржаа поделбата на Македонија во деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, преку учеството во создавањето на чудна историска сага, до сталинистичките политики што сè уште одекнуваат преку бугарското непризнавање на македонскиот народ – разочарувањата се длабоки. Современиот став на Путин за негирање на украинскиот народ ја отвори истата рана што ни ја нанесува бугарскиот шовинизам. Дополнително, современата Русија игра опасна игра на „топло-ладно“. Понекогаш поддржува, другпат игнорира или работи спротивно на нашите интереси. Кога Русија, како втора земја по САД, ја употреби формулацијата „Северна Македонија“, многумина беа шокирани – особено затоа што до последен момент сигнализираше поддршка за македонската борба против промената на името.

Оваа непредвидливост ја комплицира нашата позиција. Особено кога станува збор за енергенсите. Русија останува клучен снабдувач на гас и нафта, а македонската економија нема луксуз да ги игнорира овие реалности. Од друга страна, Македонија има што да понуди. Нашето земјоделство – овоштарството пред сè – е квалитетно и конкурентно. Рускиот пазар, кој често е погоден од санкции, бара алтернативни извори за свежи производи. Нашите јаболка, праски и грозје можат да најдат пат до рускиот потрошувач.

Затоа, пред нас стои предизвикот: како да балансираме меѓу економските интереси, политичката определба и историската претпазливост?

Човечноста како мост

Можеби, си велам, приказната за Николај Пестецов е токму за ова. Потсетник дека зад геополитичките игри стојат обични луѓе. Такви, кои споделуваат љубов, среќа и тага, болки и судбини како нашите. Можеби токму во оваа човечност лежи клучот за градење мостови – дури и кон оние кон кои сме историски резервирани. Македонија мора да биде паметна. Немаме луксуз да играме на емоции, но немаме ни право да ја заборави човечноста.

Поврзани содржини