РУДИТЕ СЕ ПРВА ТОЧКА НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ГЕРМАНИЈА Европа забрзано издава дозволи, Македонија сѐ уште чека нови закони

Во Европа ќе се финансираат нови инвестиции во рудници и центри за преработка и рециклирање на минерални суровини, преку забрзано издавање дозволи за работа. Забрзана процедура е предвидена и во нацрт законот кај нас, а од критичните минерали по кои трага ЕУ, Македонија може да се пофали со бакар, никел, антимон и други.

0

Претставници на Европската Унија ги повикаа сите заинтересирани компании да се пријават на повикот за стратешки проекти на ЕУ, кој трае до средината на јануари. Со вториот повик ќе се финансираат нови инвестиции во рудници и центри за преработка и рециклирање на минерални суровини, преку забрзано издавање дозволи за работа. Апелот го сподели Керстин Јорне, генералната директорка во Европската комисија задолжена за внатрешниот пазар, индустријата и претприемништвото, за време на десеттата конференција посветена на критичните суровини, која се одржува во Брисел под мотото „Изборот е Европа“. Јорне порача дека на ЕУ ѝ е потребна независност, отпорност и одржливост во пристапот до неопходните руди. Според неа, има напредок, зашто пред десет години се зборувало за проекти за геолошки истражувања, а сега се зборува за финансирање на стратешки проекти за критичните минерални суровини.

– Критичните минерали претставуваат само еден процент од нашиот БДП, но од нив зависи уште најмалку 15% од нашата економија. Минатата година на оваа конференција објавивме 60 стратешки проекти на тлото на Европа и надвор од границите, од ископ на руди до преработка и рециклирање. Имплементацијата на овие проекти ќе ги овозможи целите до 2030 година – зголемување на капацитетите за ископ за 10%, преработување за 40% и рециклирање за 25%. Ова веќе станува случај за одредени стратешки критични минерали, како што се алуминиумот, бакарот и литиумот за ископ, понатаму алуминиумот, бакарот и кобалтот за преработка. За ова да се случи, за да сечеме црвени ленти, го забрзавме издавањето на дозволи во земјите-членки и го помогнавме финансирањето на проектите – истакна генералната директорка во ЕК, Кирстен Јорне.






Таа истакна дека Унијата развива индустрија на критични минерали, бидејќи таа ја поддржува индустријата на ЕУ во поширока смисла. На конференцијата се обрати и германската европратеничка Хилгарде Рентел, која е шефица на Комисијата за критични суровини во Европарламентот. Европратеничката се осврна на влијанието на Кина и порача дека е време за брзо да се делува. Според неа, минералите се користат за геополитичка сигурност, а Европа мора да демонстрира отпорност и брзо да ги развива капацитетите.

– Политиките за критичните минерали се преместија од маргините во центарот на европските политики, зашто од нив сега се зависи сѐ – нашите климатски цели, иднината на нашата индустрија, нашата дигитална транзиција и зголемувањето на нашата економска и воена сигурност. Батерии, магнети, развојни материјали, одбранбени технологии – ништо од ова не е можно без да се обезбеди пристап до стратешките минерални суровини. Во Германија, на состанокот на новоформираниот Национален совет за безбедност првите две точки се политиките за критичните минерали и зависноста од Кина. Конечно мојата земја ќе размислува стратешки – вели европратеничка Рентел.

Рентел додаде дека Европа го има потребниот геолошки капацитет за да успее, па затоа сега се потребни инвестиции и политичка храброст, бидејќи брзото издавање дозволи за работа не е само технички услов, туку и политички избор. На ова се осврна и Роман Штифтнер, претседателот на Европската конфедерација за минерални ресурси, според кого ако запрат критичните суровини, цела Европа ќе запре. Оттаму, истакна Штифтнер, политичката храброст не се однесува само за политичарите, туку и за индустријата и цивилното општество.

– Треба да бидеме стратешки автономни и да ја зајакнеме сигурноста на Европа. Секогаш е некој од нешто зависен, но светот драматично се промени. Тоа што некогаш беше синџир на снабдување сега е стратешка потреба. Тоа што беше проток во трговската размена, сега се темели и геополитичко прашање – потенцира Штифтнер.

Од друга страна, стратешки проекти во рударската индустрија се очекува да одредат и македонските власти и земјава да се усогласи со европските цели и директиви. Летово беа презентирани нацрт текстовите на Законот за рударство и Законот за геологија, кои сѐ уште чекаат на усвојување. Нивната цел беше усогласување со европските политики.

– Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната висока економска важност и нивната изложеност на висок ризик за снабдување, често предизвикан од висока концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбени и воздушни намени, побарувачката веројатно ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, ризикот од прекини во снабдувањето се зголемува во позадината на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите – се наведува во нацрт Законот за рударство.

Брисел годинава веќе утврди 47 стратешки проекти на тлото на Унијата, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи. Забрзана процедура е предвидена и во нацрт законот кај нас, а од критичните минерали по кои трага ЕУ, Македонија може да се пофали со бакар, никел, антимон и други.

Поврзани содржини