Родителите нема да плаќаат додека не почнат со работа прилепските градинки
Ослободувањето од плаќање надомест важи за април, мај и јуни, како и за целиот период до почетокот со работа на градинките.
Родителите чии деца ги користат услугите на прилепските градинки, нема да плаќаат надомест до почетокот со работа на градинките, одлучи денеска Советот на општината. Ослободувањето од плаќање надомест важи за април, мај и јуни, како и за целиот период до почетокот со работа на градинките.
Со одлуката на прилепските советници се опфатени родителите на околу 1.500 деца. Инаку, во месеците кога децата не одат во градинка, родителите плаќаат 35 отсто од месечниот износ.
На денешната седница, советниците ги усвоија и извештајот за извршување на буџетот на општина Прилеп за првиот квартал од 2020 година, како и годишната сметка, извештајот за финансиско работење на јавното комунално претпријатие „Водовод и канализација“ за 2019 година и тримесечниот извештај на претпријатието од први јануари до 31 март годинава. Советниците дадоа согласност и за тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните комунални претпријатија „Комуналец“ и „Пазари“, како и на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање.