РИЗИК Е ЗАВИСНОСТА ОД ЕДЕН ЕНЕРГЕТСКИ СНАБДУВАЧ Македонија одбра да се поврзе со повеќе пазари и да гради интерконектори

Во своето излагање на Berlin Global Dialogue 2025, министерката се осврна на конкретните чекори што Македонија ги презема во насока на енергетска независност и одржливост.

83

Енергетската безбедност повеќе не значи само количина и извор на енергија. Денес тоа е прашање на отпорност, диверзификација и транзиција кон почисти, поодржливи извори, изјави министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на Berlin Global Dialogue 2025, еден од највлијателните глобални форуми што ги обединува државниците, визионерите и економските лидери кои ја обликуваат иднината.

– Геополитичките промени нѐ научија дека зависноста од еден снабдувач претставува сериозен ризик. Затоа нашата стратегија е јасна – поврзување со повеќе пазари, изградба на интерконектори и зајакнување на стабилноста, дури и во услови на глобална неизвесност – рече Божоновска.






Осврнувајќи се на прашањето за рамнотежата меѓу безбедност, достапност и одржливост, Божиновска потенцираше дека трите цели не се исклучуваат меѓусебно, туку се меѓузависни.

– Не станува збор за избор меѓу безбедност, достапност или одржливост – туку за тоа како ги поврзуваме овие цели. Тоа бара стратегија, долгорочни инвестиции и пред сè – соработка. Ниту една земја не може сама да ги реши глобалните енергетски предизвици, но заедно можеме да изградиме посилни и поотпорни системи – рече Божиновска.

Во своето излагање, министерката се осврна на конкретните чекори што Македонија ги презема во насока на енергетска независност и одржливост.

– Го диверзифицираме снабдувањето со гас преку интерконекторот со Грција и подготвуваме инфраструктура за идниот транспорт на водород. Истовремено, ја зголемуваме домашната генерација од сонце и ветер, ја модернизираме преносната мрежа и инвестираме во складирање и дигитализација. Нашата визија е едноставна, но амбициозна – енергетски систем што е доволно флексибилен за да ги апсорбира глобалните шокови, доволно зелен за да обезбеди одржливост и доволно стабилен за да гарантира достапна енергија за сите – рече таа.

Божиновска укажа и на значењето на новите технологии и вештачката интелигенција во енергетиката, кои, според неа, се потенцијал за подобра ефикасност, а не закана.

– Вештачката интелигенција може да ја зајакне отпорноста на системот – преку попрецизно предвидување на побарувачката, оптимизација на производството и подобра интеграција на обновливите извори. Ако се користи мудро, таа ќе ни овозможи да сме поефикасни и поподготвени за иднината -рече таа.

Berlin Global Dialogue е глобална платформа основана со цел да поттикнува дијалог меѓу носителите на економски и политички одлуки, академската заедница и бизнис-секторот. Форумот е познат по своите учесници од највисоко ниво – меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и извршниот директор на BlackRock, Лери Финк.

 

Поврзани содржини