Рикер: Без одложување Унијата да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија

Заев повтори дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди.

377

Процесот кон пристапување кон ЕУ ќе помогне да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња кои се засновани на темелните вредности и демократските начела. САД  ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања, рече помошникот државен секретар на САД Филип Рикер на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев на Преспа форумот.

Рикер забележа дека, како што рече, храбрата дипломатија која С Македонија ја остваруваше со Преспанскиот договор во комбинација со заложбата кон добрососедските односи помогнала да се обликува траекторијата на Западно Балканскиот регион кон ЕУ и НАТО, кој е важен за вас и за нас.






Администрацијата на Бајден, посочи тој, е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатлантската врска.

– Визијата на САД за Западен Балкан е постојана низ неколку децении. Идејата е да се постигне регион со мирни односи внатре и со своите соседи и целосно интегриран во евроатлантската мрежа. Факт е дека Северна Македонија е Европа. Ова е европска земја. Тоа е вкоренето не само во вашата историја, туку и во вашата географија – нагласи Рикер.

По однос на стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, тој истакна дека земјата треба да гледа на САД како на најдобар пријател што е можно кога станува збор за меѓународни односи на две држави.

– Спогодбата за стратешко партнерство САД ја потпишаа со Северна Македонија од 2008 година после Самитот на НАТО во Букурешт. Но, сега ние сме повеќе од стратешки партнери, ние сме НАТО сојузници, а тоа се најблиски односи што САД можат да ги имаат. Како сојузници во рамки на НАТО ние остануваме стратешки поврзани во сите аспекти на трансатлантскиот контекст, независно дали се работи за сојузништво во областа на одбраната, економските можности, промоцијата на заедничките вредности. Нема посилна врска од онаа што ја имаат сојузниците, а Членот 5 од Северноатлантското сојузништво значи заедничка одбранбена политика, што е исклучително важна основа врз која се засноваат нашите меѓусебни односи – рече Рикер.

Заев повтори дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди.

Премиерот се осврна и на најавата за интензивирање на, како што рече, одличните билатерални политички, економски и културни односи со САД, посочувајќи дека постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Македонија.

– Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитетите во ТИРЗ-овите во нашата земја – додаде Заев.

– Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално – истакна премиерот Заев.

 

Поврзани содржини