Реставрација или повторно раѓање на старото
Ако демагогијата беше повеќе својствена токму за оние партиски собири, митинзите и „Шарената револуција“ во 2016-та и 2017-та година односно до зацврстувањето на слепциве на власт, таа понатаму се разви во страотна, патолошка измама, во болен популизам и највулгарна манипулација дури и со своето членство. Токму затоа, како пред очи да ни се одвива филмот на вечното враќање, на оживувањето на старите демони, на механичката замена на една власт со друга, без суштинска разлика!
Веќе во ваквиот наслов на извесен начин е содржана реторичката суштина на еден од најголемите непријатели на современата демократија – демагогијата. Зашто таа, демагогијата, низ сите нејзини познати форми – а особено низ популизмот како омилен (не само) балкански политикантски „метод“ – практично е скриена во самиот корен на сите демократски ќорсокаци (и) кај нас. Впрочем, токму демагогијата на власта, оваа власт, и нејзината неспособност и неукост – или нечинење? – и актуелните случувања во судството (но не само таму) е генераторот на одржувањето на стариот „систем“ на заробената држава во живот во македонското општество.
Сега (повторно, по којзнае кој пат) топ тема се „скандалозните“ и „шокантните“ случувања во судството (не само со последните пресуди на Апелација!), но забораваме ли дека во изминативе пет години доживеавме целосен ривајвл на сите катастрофални политики на криминално владеење во сите сфери, на ароганција и бахатост комбинирани со висока коруптивност, на простаклак и партиско дивеење, на незнаење и – демагогија?
Го забораваме ли „СК 2014“ (ене го, уште е таму каде што си беше!) и сите демагошки ветувања за справување со тој кич; ги забораваме ли културата, образованието и науката и сите злосторства починети во овие пет последователни години во овие области (оние „учебници“ се само врвот на сантата мраз!); го спомнува ли некој сѐ уште културното наследство, па и Охрид, како најдрагоцено нешто во државава и приоритет во заштитата (уривањето на „Шар“ во Старата чаршија во Скопје е само уште доказ за тоа); се сеќаваме ли на ветувањата за странски инвестиции, за прогрес, за право и правда, за демократија…? Или заборавивме сѐ по список, а ни останаа само демагошките флоскули од митинзите и времето на „Шарената револуција“?
Ако говориме за повторното раѓање – за реставрацијата или воскреснувањето, како сакате – на заробената држава но сега во друга, розова хартија и со црвена машничка, всушност говориме за враќањето на демагошко популистичкиот дискурс во општеството и политиката, во говорите на највисоките функционери, во однесувањето на власта. Само сега, денес, со уште помал рејтинг од оние катастрофални 11% според последните истражувања!
И токму тоа се последните „изјави“ на државниот врв за и околу Апелација и „случајот Мијалков“: чиста демагогија на приземно рамниште недостојно на високи политичари, вулгарни пренемагања што целат кон ниските страсти и општите фрустрации, кон некакви очекувања (оправдани или не) на „народот“ или „јавноста“ итн. Искажани со одвај просто проширени реченици филувани со симплифицирани придавки како „општи места“, таквите изјави играат на картата на општото разочарување од состојбите во државата и тендираат – со замена на тези, се разбира – да го поткренат незадоволството во јавноста и да го оттргнат вниманието од други еднакво важни, или можеби многу поважни, нешта.
А на нивните „изјави“, како боев восклик, нормално, „се лепи“ клиентелата, па некои веќе бараат цела Апелација да ја седнат на обвинителна клупа! Онака, токму како што вели Геровски – како Прек суд, јавен или полутаен, па ако треба веднаш и да им се пресуди: стрелање или бесење! Малку ли ни беа такви „судења“ во времето на заробената држава, па сега и нив ќе ги воскреснеме?
И сето ова, повторно, не е случајно. Кај демагозите ништо не е случајно: таквото врескање „држ’те го крадецот“ само нѐ дефокусираат од ултимативното прашање: а кој ветуваше дека ќе ги среди овие состојби? И кој земаше плата и уживаше во сите привилегии цели пет години, без да сработи што и да е од ветеното? Како да учеле од најдобрите, од Клеон или Публиус Клодиус, Мек Карти или Хитлер, Ле Пен или Болсонаро…, нашиве демагози се извежбаа во замената на тезите, во танцувањето во сферата на лагата и ирационалното, во ветувањето „мед и млеко“ коишто само што не стасале во државава.
Но, ако демагогијата беше повеќе својствена токму за оние партиски собири, митинзите и „Шарената револуција“ во 2016-та и 2017-та година односно до зацврстувањето на слепциве на власт, таа понатаму се разви во страотна, патолошка измама, во болен популизам и највулгарна манипулација дури и со своето членство. Токму затоа, како пред очи да ни се одвива филмот на вечното враќање, на оживувањето на старите демони, на механичката замена на една власт со друга, без суштинска разлика!
Дали во овој контекст е умесно прашањето: се случуваат ли вакви нешта и во други држави? Се разбира, и тоа во самата ЕУ, кон која стремиме, нели.
Но, некако временски најблизок ни е примерот со Бразил. Таму, имено, по големите протести и импичментот на Дилма Русеф (Dilma Rousseff) во 2016 година, на власт доаѓа контроверзниот Болсонаро (Bolsonaro) во 2018 година. (Се совпаѓаат дури и годините, нели?). И наместо ветената демократизација, државата добива конзервативни политики и продлабочување на јазот помеѓу граѓанинот и неговите политички репрезенти во власта. Кризата во којашто потоа, па и денес, се наоѓа Бразил многу се должи на наводната „либерална идеологија“ на (самонаречената) политичка елита на земјата. И целата таа катастрофа е филувана со демагогија и де-демократизација, уништување на природата, негрижа за културното наследство (пожарот во Museu Nacional) итн., што горе-долу многу наликува на јужноамериканска „македонска“ приказна.
Безмалу цели три децении, со ретки светли мигови, кај нас се кочоперат демагошки полуписмени елити кои не ги разбираат ни основите на демократијата како систем. Со сесрдна помош на клиентелситичката армија „професори“ и „интелектуалци“ ги кројат и прекројуваат според дневни и партиски потреби, именувајќи ги притоа со важни зборови како „политика“, „систем“, „визија“ и др. И секако, во такви услови, нема историја, нема наука, нема образование… односно нема општествен систем што не може да биде згмечен, стуткан, сожвакан и на крајот исплукан според теркот на група неуки политиканти од која и да е провениенција, лева или десна. Двата „пола“ се идентични во таа пракса. А идентични им се и целите. Сѐ се прилагодува според потребите и целите на полуписмените властодршци, поддржани од грст абоненти и една „шака јада“ викана – партиско членство.
Следствено, кога премиерот прашува дали сакаме да ги вратиме на власт учениците на Груевски, не треба ли малку подобро да погледне, да не се тие тука уште од 2017 година.
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com