РЕКОНСТРУКЦИЈА НА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА Што сè досега знаеме за трагедијата?
Од несоодветна сигнализација на патот, до нелегален превоз на канистри со нафта и петарди се досегашните шпекулации за причините на несреќата. Фирмата „Беса Транс“ имала лиценца, но автобусот не бил пријавен во евиденцијата. Еве што досега знаеме за несреќата на автопатот „Струма“.
Обдукцијата на телата и истрагата по страшната автобуска несреќа која ја зави Македонија во црно продолжуваат, а во медиумите излегоа повеќе факти кои се само делчиња од мозаикот. Трагичната погибија на 45 луѓе кои живи изгореа во автобусот на македонската фирма „Беса Транс“ на автопатот „Струма“ близу Перник ги отвори прашањата за можната одговорност.
Дали е тоа несоодветната сигнализација на патот кој има проширување во лажна трета лента, дали се канистрите со нафта кои потпомогнати од петарди за кои се шпекулира дека биле шверцувани причина за пожарот, или можеби е човечка грешка на загинатиот возач, кој немал време да ги отвори вратите на автобусот, па единствените седуммина преживеани излегле од задниот дел на автобусот.
Компанијата „Беса Транс“ е регистрирана на адреса во Ќустендил заедно со уште 23 македонски фирми, имала лиценца за меѓународен транспорт, но го немала пријавено автобусот, а се истражува и дали биле пријавени двајцата возачи. Како успеал автобусот да ја мине границата? Има ли одговорност за правни лица во Кривичниот законик за вакви сообраќајни прекршоци? Кој ќе суди за делото, македонскиот или бугарскиот суд?
Додека се чека на нови информации, еве што досега знаеме за случката.
Немало соодветна сигнализација?
Една од главните причини според шпекулациите може да биде самиот автопат.
„Вака изгледаше делницата од автопатот Струма ден пред трагедијата. Ставете се на местото на возач на автобус: возите ноќе, по експресен пат со две ленти, една лента за итни случаи. Во еден момент, двете ленти стануваат три без никакви вертикални ознаки што укажуваат дека „третата лента“ има некоја друга цел. Како професионален и совесен возач одговорен за 50 судбини, „останувате“ на безбедната лента по којашто возите со вашето возилото, на крајната десна лента. По кривината, сфаќате дека обележувањето ве изневерило, но веќе е доцна. Правите сè што е во ваша моќ, но вашата судбина и на уште 50 невини луѓе е веќе предодредена. Корупцијата убива“, напишал Димитар Димитров, корисник на Фејсбук под своето видео.
Без осветлување, само знак за исклучување
Од видеото јасно се гледа дека патот има проширување на коловозот, што се користи како паркинг или место за одмор, одвоен со заштитна ограда околу 100-150 метри во должина. Токму во неа прво удрил автобусот, а потоа се одбил кон другата заштитна ограда.
Проблемот со оваа заштитна ограда е што не е доволно добро сигнализирана и нема осветлување. Има само знак дека има исклучување, како и за чешмата, претходно. Самата заштитна ограда е во закривен дел и се појавува одеднаш, што може да доведе до конфузија.
Возачот удрил во оградата со над 100 километри на час
Експерт за бугарските медиуми изјави дека возачот поминал 350 километри од турската граница до местото на несреќата за само четири часа, правејќи само една пауза во текот на ноќта, што укажува на тоа дека патувал со голема брзина, веројатно над 100 километри на час.

Канистри со дизел гориво веројатно го предизвикале пожарот
Пиргов вели дека возачот очигледно имал канистери полни со гориво, веројатно дизел, покрај предните седишта, што предизвикало експлозија и автобусот се запалил.
Јавна тајна е дека автобусите низ Бугарија илегално пренесуваат нафта
– Првична информација беше дека автобусот излетал и се превртел. Но не е така. Да не дошло до пожар најверојатно сите би биле живи. Автобусот како превозно средство бара највисока заштита. Секаква измена бара хомологација. Вградување дополнителни резервоари е недозволиво како ни пренесување запаливи материи – вели вештакот Дејан Трпевски за утринскиот брифинг на Слободен Печат.
– Јавна тајна е дека автобусите што доаѓаат од Турција превезуваат гориво оти е драстично поевтино поради тоа што е пренесено од Сирија. И бугарските автобуси се движат така. Сите знаат, а никој не презема ништо. Не може со таа цена на аранжмани да има исплатливост. Тоа требало некој да го забележи. Ова сега е нелојална конкуренција, со илегални дејствија ги загрозуваат животите на патниците. Ако институциите преземат мерки, половина од превозниците ќе се затворат – додава Трпевски.
Петарди кои биле шверцувани го разгореле пожарот?
Вештакот Трпевски во истиот разговор вели дека проблемот е што патниците превезуваат разен багаж, а не може да се има контрола што има внатре. Можно е да имало петарди, но тие поминале царинска контрола, додава Трпевски.
– Компанијата нема право да врши контрола на багажот, но може да ги предупреди патниците дека е ризик во багажот да пренесуваат одредени работи. Законски обврски имаат само царината и полицијата – вели Трпевски за Утрински брифинг.
Не е можно возачот да заспал, направил пауза пред час и половина
Секретарот за безбедност на Перник, Васко Пиргов за БТВ вчера изјави дека грешката е во возењето, но дека возачот не е можно да заспал. Според него, пред околу час и половина пред несреќата, автобусот застанал на бензинска станица на магистралниот пат „Струма“, каде патниците отишле во тоалет и направиле пауза околу половина час. Бензинската станица се наоѓа на 15 минути возење до местото на несреќата.
– Патот е во перфектна состојба. Овде станува збор за грешка на возачот. Нема можност автобусот да се зализгал по патот, нема знаци на кочење. Автобусот се запалил од предниот дел. Во самиот автобус имало туби со нафта – изјавува Пиргов, додавајќи дека огнот започнал од предниот дел на автобусот, најверојатно во системот за греење.
Пожарот избувнал во предниот дел, преживеаните избегале одзади
Пожарот избувнал во предниот дел на автобусот, бидејќи задниот дел од возилото е зачуван, тврди Васко Пиргов, експерт за мотори со внатрешно согорување, кој меѓу првите пристигнал на местото на несреќата во Бугарија, каде што изгоре македонски автобус.
Лулзим успеал да го скрши стаклото со чекан. Зошто не работеле вратите?
Лулзим Сулејмани од Прешево седел на претпоследното седиште во автобусот кој во понеделникот од Истанбул тргнал на пат кон Скопје. Кога се случила катастрофалната несреќа во Бугарија, тој бил буден и свесен за сè што се случува околу него.
– Додека одеше автобусот, од десната страна удри во тротоарот, тркалата на автобусот пукнаа и почна да избувнува пожар и имаше многу чад во автобусот. Потоа автобусот се движеше 20 метри лево и самиот застана. Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови. Успеав да избегам бидејќи го зедов чеканот во автобусот и го скршив стаклото. Ја извадив свршеницата и уште пет лица – изјави Сулејмани за ТВ Клан.
Сулејмани е единствениот српски државјанин кој бил во запалениот автобус. Тој е еден од седуммината коишто ја преживеаја несреќата.
Фирмата има лиценца, но автобусот не бил пријавен, втор возач имало
Во Министерството за транспорт и врски сè уште е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Автобусот воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството.
– За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат – појасни Бочварски.
Министерството започна постапка да се одземе лиценцата на „Беса Транс“.

Автобусот имал технички преглед на 5 октомври?
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, автобусот на „Беса Транс“ минал на технички преглед на 5 октомври годинава.
„Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“, рече министерот Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција.
Имале ли сертификати двајцата возачи?
Исто така, сè уште се проверува и дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификати дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата. Според досегашните информации, автобусот бил нов и сообраќал во последните три години. Лиценцата му траела до 2022 година.
„Беса Транс“ е со седиште во Ќустендил
Фирмата „Беса транс“ во Бугарија е регистрирана на 16 јули 2019 година со седиште во Ќустендил, западна Бугарија, покажува регистерот на фирми на источниот сосед. Адресата во Ќустендил е на улицата „Цар Самоил“ број 51, стан 2.
На адресата на „Беса Транс“ во Ќустендил се регистрирани 23 македонски фирми
Сопственикот на фирмата во Ќустендил на македонскиот автобус што удри на автопатот Струма е таму заедно со уште 23 македонски фирми. Ова го објави БТВ повикувајќи се на увид во Трговскиот регистар.
На местото на адресата има станбен блок, а во споменатиот стан живее болна постара жена.
Таа рече дека нејзиниот син работел за компанијата пред повеќе од 10 години. Од тогаш, сепак, тој нема никаква врска со неа.
Шест месеци ќе трае истрагата за несреќата?
Бугарски експерти тврдат дека 6 месеци ќе трае истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а 7 се повредени, откако македонски автобус се запали на магистралниот пат Струма на потегот Софија – Благоевград.
Тие сметаат дека причините за несреќата ќе се кажат наскоро, но не и кои се виновниците. Денеска продолжува и обдукцијата на телата на загинатите во несреќата. Од вчера во Софија е и тричлена македонска екипа предводена од директорот на Институтот за судска медицина Александар Стојков.