РЕГУЛИРАНИ РЕКИ, НОВИ ПАРКОВИ И ЗЕЛЕН ПОЈАС Димитриевски ќе се грижи за заштита на природата
Независниот кандидат вети дека ќе ги исчисти сите речни корита во општина Куманово.
Независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, во изјава за медиумите потенцираше дека општина Куманово во континуитет вложува во санација и изградба на речните корита.
– Во изминатиот период инвестиравме во уредување на речното корито на река Липковка и дел од река Кумановка, во делот кај градскиот парк и дополнително на локација Средорек. Токму поради овие инвестиции на општината, ние денеска не се соочуваме со децениските проблеми на излевање на речното корито. Вложивме и во чистење на речните корита. Барам од граѓаните да ги одржиме чисти.Ќе продолжиме со тој интензитет дополнително да ги чистиме – рече Димитриевски.
Тој најави дека ќе продолжи да вложува во уредување на речните корита.
– Сакам да најавам дека во иднина и во следните 4 години општина Куманово ќе направи капитални инвестиции во уредување на сите речни сливови во градскиот опфат, почнувајќи од автопатот па се до завршетокот на речното корито на локација Кумановска бања. Со тоа, ќе добиеме и нови површини, каде што ќе може да се уредат и постоечките зелени појас. Ќе направиме реконструкција на градскиот парк во Куманово во нов современ смарт парк и дополнително зелениот појас на локалитет Проевце, каде што сакаме да изградиме нов зелен појас, градски парк и едукативен центар за одржување на летни училишта на најмладите. И дополнително, нов парк на локалитет Карадачки одреди или населба Тоде Мендол. Ние имаме намера да го озеленуваме, да го заштитиме и чуваме сето тоа што ни е дадено од природата – рече Димитриевски.