Реакција на СДСМ за фотографиите што ги објави Димче Арсовски: Побарај слики од времето на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш Клиниката немаше вода
За следната прес-конференција Димче Арсовски нека земе слики од архивата на ВМРО-ДПМНЕ, од Клиниката за инфективни болести кога во време на ВМРО-ДПМНЕ таму немаше ни топла вода, реагираше СДСМ.
Срамно, вулгарно и нечовечки е тоа што ВМРО-ДПМНЕ на некрофилски, морбиден начин се потсмева на жртвите од коронавирусот и нивните семејства, што тера политиканство во време на светска пандемија, реагираше СДСМ откако портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска објави фотографии на кои се гледа ѓубре и шут во Клиниката во Скопје.
„По цели 70 години Венко Филипче, Владата предводена од СДСМ ги реновираа интерните клиники и заедно со медицинскиот тим од нив направија ковид центри за згрижување на пациенти заболени со вирусот ковид-19. Венко Филипче направи систем со кој во секоја болница има ковид центар за згрижување на пациенти, а овозможи и непречено да функционираат редовните интервенции и прегледи во рамките на мој термин. Додека цел свет е под огромен притисок поради пандемијата со вирусот ковид-19, ВМРО-ДПМНЕ единствено што има на дневна агенда е спас на наследникот на Груевски, губитникот Христијан Мицкоски. За следната прес-конференција Димче Арсовски нека земе слики од архивата на ВМРО-ДПМНЕ, од Клиниката за инфективни болести кога во време на ВМРО-ДПМНЕ таму немаше ни топла вода. Ако Арсовски не знае бидејќи тоа време беше дел од Демократска десница, нека сврти некој телефон до Будимпешта да го избрифираат“, реагираше СДСМ.