Реа од неодговорност

Овие не се интересни времиња. Овие се трагични времиња, времиња на тотален колапс на рационалниот ум, на распад на системот, на општ криминал и корупција поддржан од највисоките редови на власта… Ама, изгледа, така било уште од онаа 1991 година, нели?

706

„Мириса на смрт“, вели еден твит (@mara00914095) и ги набројува сите скандали со смртни последици во последниве две-три години (Тетово, Ласкарци, „Струма“, родилката од Дебар, последниов скандал со болните од цистична фиброза…). Списокот на жртвите на државата – да, на државата! – не е целосен, се разбира, зашто ако на тоа се додадат и оние неспомнати, плус оние шест илјади жртви на бесрамната ковид „политика“ на двоецот Заев-Филипче, тогаш мирисот на смртта се трансфромира (и) во реа на неодоговорна држава и бескрупулозни политичари. Зашто, сето наброено, и многу пропуштено, оди на контото токму на државата чиешто практикување на власта е споредливо единствено со најбескрупулозните режими во светот денес.

Следствено, дали нашава „комфорна“ реалност толкувана од „интелектуалнине сервисери на партиско-комитетските налози и потреби“ е малку потресена од одамна „најавената“ смрт на првиот од страдалниците со цистична фиброза кои чекаа(т) помош од државата? Не е, очигледно. Тие се занимаваат со статистички операции, со „Милчо национале“, со внесувањето Бугари во Уставот… Дали некого од власта, од „сервисериве“ или од „шаренине“ ги допираат оние протести на таа (дали отпишана?) група? Или – малку гласови се во прашање? Ама Таравари носи повеќе? Дали некому од таа иста власт му говорат нешто последните анкети за расположението на граѓаните за нивните пазарџиски „политики“, и особено за текот на интегративниот процес? Којшто (наводно) започна, нели, ама никако да тргне?!






И се чини ли дека во сервираниот од власта симулакрум, во топлиот удобен меур на индиферентност и игнорирање на проблемите и потребите/волјата на граѓанинот, се појавуваат првите пукнатини? И што чекаат „надлежните“, работата да им ја завршат САД и ЕУ, или да пукне меурот? Можеби, но проблемот со таквите меури е што можат да предизвикаат дополнителни експлозии на незадоволство. Тогаш (ќе) отиде бестрага сѐ, заедно со онаа стара кинеска „клетва“ да се живее во интересни времиња. Од интересност не можеме глава да кренеме.

Затоа, извинете, овие не се интересни времиња. Овие се трагични времиња, времиња на тотален колапс на рационалниот ум, на распад на системот, на општ криминал и корупција поддржан од највисоките редови на власта… Ама, изгледа, така било уште од онаа 1991 година, нели? Па читајте го Гошев, по ѓаволите, за нештата да (ви) бидат појасни!

Токму заради тоа, овие генерации, токму овој македонски граѓанин, мора на дело да ја побие тезата дека сме осудени на вечен мрак и свиткана кичма со овие и вакви политикантски елити. Зашто нивните (не)дела речито говорат за нив. Но и за нас. Бидејќи, зарем не е веќе очигледно дека нѐ сметаат за малоумни, глупави, недугави…, за ѓубре што не вреди ни пет пари? Па читајте го Бесими, по ѓаволите, и онаа негова бласфемија! Која сосема точно одговара на прашањето: а што правевте до сега? Ништо. А каде потрошивте толку децении и толку буџети? За лични потреби!

Секако, „интересни“ времиња! Со тенденција да станат уште поинтересни. И понепредвидливи, дури опасни. Токму затоа тоа мора да се промени. На оваа реа на недговорност, криминал и корупција мора бргу да се стави крај, инаку влегуваме во менгемето на тезата на оној австриски психијатар (Emil Frankl), кој вели: „Кога не сме повеќе во состојба да смениме една ситуација, предизвикани сме да се смениме себеси“! И тоа е застрашувачка теза којашто ние, де факто, почнуваме да ја живееме. Под присила на „елитите“, пред теророт на нивната просечност, неспособност и некомпетентност, ние започнавме да се менуваме себеси, да се упросечуваме, да глумиме шапшали и шутраци, да се правиме дека ништо не разбираме а уште помалку гледаме или слушаме, дека сме паднати од Марс само за да ги трпиме задоволствата на овие самобендисани провинцијалци!

Но зошто? Зошто ние треба да се подведуваме под нивните сељачки стандарди? Зошто нашето знаење да си го потценуваме, а да ги возвишуваме нивните глупости и лоповлуци? Или некој навистина очекува дека тие ќе ги решат овие кризи што самите ги создадоа? Навистина ли сакаме да личиме на нив, ние, но и нашите деца, внуци…, идните генерации? Да им виси над главите смроносниот меч на оваа неспособност и неодговорност, да им се заканува со радикализација секоја будала која сака да биде мирудија во локалнава политикантска манџа, да им држат предавања некакви аналфабети кои во животот не прочитале една книга, не влегле во музеј, не знаат што е театар…?

Згора, „сервисериве“ почнуваат да шират фрапантно неодговорен дефетизам: дека не е можен каков и да е политички договор помеѓу македонските партии, ни поттураат под нос некакви митови „Глигоров рече вака, Глигоров рече онака“, сѐ со цел нештата да останат статус кво; друг „легендарен“ шапшал нѐ учи што е тоа патриотизам…, а премиерот скиснато коментира дека вака веќе не може! Што не може? Не може тој со нас, му пречиме, медиумите го прозиваат секојдневно, му поставуваат незгодни прашања, сопругата не успева да произведе повеќе струја заради прозивките… итн.?

Која е, со ваква политичка постава, таа „македонска перспектива“ во онаа фамозна ЕУ што ни ја предочува како на слепци министерот за финансии? Ќе станеме автоматски попаметни, поодговорни, покултурни…? А зошто Бугарите не станаа такви? Па дајте, ве молам, зарем некој верува во приказнине на Бесими, Маричиќ, Ковачевски и нивнине абоненти? Како тоа ЕУ ќе ни донесе „подобар стандард“ со вакви крадци во највисоката власт? За кои „нови перспективи“ говорат кога онаа Бугарија, поради нашата глупост, ни стапнала на врат и не попушта? И зарем навистина нема еден, барем еден во нивните редови кој умее да погледне преку „плотот на ЕУ“? Па таму се отвора цел нов свет: Кина, Индија, Јужна Америка, Африка…! Не се ли токму тоа „нови перспективи“ или нашиве се навистина толку кусогледи и кусоумни?

Следствено, дека „вака веќе не може“ е шлагворт што требаше да го вртиме ние како граѓани – јавно, јасно и гласно уште од почетокот на онаа 2018-та година, кога се виде апсолутната неспособност и неодговорност на оваа провинциска „елита“. Криминалот, корупцијата и негативната селекција сѐ уште не беа земале замав, но беа на повидок. Беше ли тоа време за нови протести, за нови прошетки, но против узурпаторите на демократската пролет, на народниот гнев и верба во овие дека сепак можат и знаат да управуваат со државата? Да, беше, но го пропуштивме, поради разни причини. Ако ни се случи тоа и сега, отиде возот.

Ако речиси две третини од граѓаните не веруваат во овие политики, кои се оние погоре спомнатине и нивните пајташи да ја носат државата таму каде што намислиле? Кој им го дал тоа право?

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини