Размислувај за затворот како за место кое можеби и тебе те чека

Ние сме безнадежно прохибитивно и конзервативно општество. Општо е прифатено мислењето дека затворениците и притворениците во Македонија заслужуваат да мизеруваат во супстандардни услови. Единствената надеж нешто да се смени е да се изнајде властодржец, кому во мигови на просветление, ќе му текне дека градејќи барем еден пристоен затвор, гради дом во кој можеби и самиот еден ден ќе живее.

3,457

Велат дека состојбата во затворите е слика на општеството.

„Казнено-поправните установи се само најзабележливиот и најбруталниот аспект на системот, кој сите нас нѐ претвора во соучесници и жртви, во затвореници“, прочитав некаде.






Откако сум професионален новинар, безмалку четири децении значи, сите официјални и неофицијални извештаи за состојбите во македонските казнено-поправни установи се катастрофални. Таква е и последната изјава на Народниот правобранител, Насер Зибери, кој, меѓу другото, вели дека 80 отсто од затворите низ Македонија се преполни, а хигиената е на катастрофално ниво.

Општо е познато дека и исхраната во затворите е лоша, здравствената заштита е супстандардна, а царува затворскиот криминал.

Кој е виновен за сето тоа?

Не е фер прстот да се впери кон затворските власти и кон луѓето кои работат во овие установи. И тие јадници ја споделуваат судбината на затворениците. Згора на сѐ, очајно слабо се платени, што ги прави подложни на мито и на корупција.

Ваквата состојба во казнено-поправните установи е последица на нашето разбирање на смислата на затворската казна. И на казнувањето, воопшто.

Студентите по право, претпоставувам, сѐ уште учат за двете основни начела на казнувањето – за генералната и за специјалната превенција. Првото разбирање на казната е дека таа ги одвраќа потенцијалните сторители на казниви дела од намерата и влијае воспитно на целата заедница. Второто начело подразбира изолирање на престапниците и отстранување на опасноста тие да го повторат делата поради кои се казнети. И во двете сфаќања, крајната смисла на затворската казна е затворениците да се „поправат“ и да се вратат во заедницата како нејзини рехабилитирани членови.

Тоа е теоријата. Реалноста е нешто сосема друго.

Доминантното разбирање на смислата на затворското казнување во нашето конзервативно и прохибитивно општество е – око за око, заб за заб. Затворот треба да го задоволи „природното право“ на жртвите на одмазда. Меѓу жртвите, се разбира, се вбројува и државата.

А одмаздата треба да биде сурова, за да биде „праведна“.

Затоа нашите затвори – и не само нашите, туку и во многу европски земји кои се на пониско цивилизациско ниво – се мачилишта!

Кај нас општо е прифатено мислењето дека затворениците заслужуваат да мизеруваат во супстандардни услови, дека треба да ги губат здравјето и сопственото достоинство во нашите казамати, бидејќи на тој начин тие го плаќаат „долгот“ кон општеството за злото што го нанеле.

Затоа е бессилен гласот на оној мал дел од јавноста кој што бара подобрување на затворските услови за сите затвореници и притвореници и крај на тортурата во нашите казнено-поправи установи.

Идеите, па дури и малкуте законски решенија за алтернативни начини на служењето на затворските казни, пак, наидуваат на жестоки противења и осуди.

Наместо тоа, кога утре би се распишал референдум за враќање на смртната казна во Македонија, јас сум убеден дека мнозинството граѓани ќе гласаат „за“. А политичките елити на тоа нема да се спротивстават, бидејќи тие, нели, секогаш го слушаат „гласот на народот“.

Во меѓувреме, затворите ќе ни останат вакви какви што се. Никакви. Никој не може да ме убеди дека во овие четири децении, колку што јас ги следам информациите од оваа област, не можеа да бидат изградени неколку пристојни казнено-поправни установи, уредени и организирани според стандардите на европските цивилизирани општества. Едноставно, не постоеше и сѐ уште не постои волја за таков исчекор.

Единствената надеж нешто да се смени е да се изнајде властодржец, кому во мигови на просветление, ќе му текне дека градејќи барем еден пристоен затвор гради дом во кој можеби и самиот еден ден ќе живее.

Поврзани содржини