РАСПИШАНА Е ЦЕНТРАЛНА ПОТЕРНИЦА ЗА ДОДИК Полицијата на БиХ ги гони и премиерот и претседателот на Република Српска
Тие (полицајците) мора да постапат според наредбата на Судот на БиХ и на Обвинителството на БиХ. Без разлика дали приведувањето е високо ризично, опасно или не, тие се должни да го сторат тоа и да го заштитат државниот поредок, наведе адвокатот Сенад Пизовиќ.
Сите полициски агенции на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина добиле Централна потерница, распишана за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, и за премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, објави Јуроњуз Србија.
Според информациите на Јуроњуз, до овој момент потерницата не е испратена до Агенцијата за истраги и заштита (СИПА).
– Секој полициски службеник во Босна и Херцеговина е должен да ги лиши од слобода претседателот на Република Српска, Милорад Додик, премиерот Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, а доколку не го стори тоа, законски треба да одговара – изјави адвокатот Сенад Пизовиќ.
Во ситуација кога е распишана потерница, наведува Пизовиќ, секој полициски службеник, што ќе наиде на некој од нив, има право и обврска да ги лиши од слобода.
– Тие мора да постапат според наредбата на Судот на БиХ и Обвинителството на БиХ. Без разлика дали приведувањето е високо ризично, опасно или не, тие се должни да го сторат тоа и да го заштитат државниот поредок – наведе Пизовиќ.
И адвокатот Крстан Симиќ смета дека полициските службеници мора да постапуваат законски.
– Сите полициски службеници треба да ги уапсат Додик, Вишковиќ и Стевандиќ, а никој не смее да замижи пред тоа. Правно сè е јасно, но настана пат-позиција поради сложената политичка ситуација. Не гледам јасен и нормален излез бидејќи со политичкиот врв на Република Српска во моментов не може да се води политички дијалог – самите се ставија во ќош. Прифаќањето на дијалог би значело непочитување на одлуките на Судот на БиХ и ма Обвинителството – изјави Симиќ.
Според адвокатите, работата на полициските службеници по природа е високоризична.