РАСПИШАН КОНКУРС ЗА 119 ВРАБОТУВАЊА Историски чекор за тетовската болница, медицинарите добиваат трајни решенија
Тетовската Клиничка болница распиша конкурс за вработување на 119 здравствени работници, најголем досега. Се подготвува и оглас за административниот кадар, најави директорот Ељези.
Тетовската Клиничка болница денеска го објави најголемиот конкурс за вработување во својата историја – дури 119 позиции за медицински персонал се отворени, објави директорот на болницата Ерсен Ељези на прес-конференција.
Конкурсот доаѓа само неколку недели по протестите на хонорарно ангажираните здравствени работници, кои бараа сигурност и трајни вработувања. Централната власт им вети решенија на неопределено време, а денес тие ветувања почнаа да се реализираат.
– Ова е најголем број на трајни вработувања од основањето на болницата. Целта е да ги зајакнеме кадровските капацитети и да обезбедиме подобри здравствени услуги за граѓаните – рече Ељези.
Тој појасни дека конкурсот важи исклучиво за медицинскиот кадар, додека за административните работници ќе следува посебен оглас преку Агенцијата за администрација.
На прашање од новинарите дали објавувањето на конкурсот е во согласност со законите со оглед на наближувањето на локалните избори, директорот смирува:
– Сè ќе се спроведе во рамки на законот. Конкурсот трае пет дена, што значи до понеделник. Потоа следуваат тестирањата од страна на Министерството за здравство. Очекуваме целата постапка да заврши пред изборите – изјави Ељези.
Пред само два дена, министерот за здравство Азир Алиу се сретна со хонорарно вработените – медицински сестри, болничари, техничари, административен персонал и лекари, кои во мај и јуни организираа јавни протести барајќи трајно вработување.
Овој конкурс доаѓа како директен одговор на протестите што се случија на крајот на мај и почетокот на јуни, кога повеќе од 100 хонорарно ангажирани здравствени работници во Тетовската болница излегоа на улица. Нивната цел беше јасна, конечно да добијат статус на редовно вработени лица во јавниот здравствен систем.