РАСКОЛ ВО ФУДБАЛОТ Суперлигата им ја краде надежта на малите клубови
Формирањето Суперлига веќе долго време се готви. И досега сè се вртеше околу најмоќните и најбогатите, кои и досега добиваа најголеми пари, додека, пак, за малите и сиромашни клубови остануваа трошките. Но, тоа не беше доволно. Со основањето на Суперлигата беше закован последната златна шајка во сандакот и на тој начин се погреба фудбалот како игра.
18 април 2021 година ќе остане запаметен во историјата на фудбалот како ден на расколот, поради одлуката на најсилните и најбогатите европски клубови да се одделат од УЕФА и да основаат сопствено натпреварување во кое ќе играат сами со себе.
Дванаесет моќни клубови одлучија да ја формираат Суперлига Европа, во која нема место за сиромашни тимови, а основачи се: Интер, Милан, Јувентус, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Арсенал, Челзи, Тотенхем, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид.
Процесот сè уште не е заокружен, „врбувањето“ е во тек, а планот е лигата да брои вкупно 20 клубои.
Целиот фудбалски свет е шокиран со овој потег, иако ова веќе е познато во европската кошарка, а позната е долгогодишната војна помеѓу УЛЕБ и ФИБА. Причината, горе-долу е иста: најбогатите не гледаат поента да играат со сиромашни клубови, бидејќи на тој начин не заработуваат. Но, заработуваат кога играат богати против богати, така барем тврдат тие.
Формирањето Суперлига веќе долго време се готви. И досега сè се вртеше околу најмоќните и најбогатите, кои и досега добиваа најголеми пари, додека, пак, за малите и сиромашни клубови остануваа трошките. Но, тоа не беше доволно. Со основањето на Суперлигата беше закован последната златна шајка во сандакот и на тој начин се погреба фудбалот како игра.
Ја погребаа суштината: малите клубови да ги победуваат големите, а го убија и оној сон на помалите клубови еден ден да истрчаат на големата сцена. На овој начин се уништува целата традиција на фудбалот. Па затоа, сега, за оние богатите, малите клубови веќе не се мали, туку – сиромашни.
Доказ за ваквото тврдење е Ајакс. Можете да мислите што сакате, но Ајакс е сè само не и мал клуб, но очигледно е сиромашен. Клубот е недоволно богат за богатите, па за него нема место во новата елитна Суперлига. Во својата фудбалска историја, Ајакс досега 4 пати беше шампион на Европа, а тука се и ПСВ и Фејенорд. Но, и за нив нема место во Суперлигата.
Прескокнати се и Португалците. Жозе Мурињо вчера доби отказ во Тотенхем затоа што, меѓу другото, не го одобруваше формирањето Суперлига, а сетете се дека „неговиот“ Порто еднаш го освои Купот на УЕФА, а беше и првак во Лигата на шампионите. Нема место ни за Бенфика и за Спортинг, кои исто така се поранешни шампиони на Европа.
Исто е и со шкотските великани Селтик и Ренџерс. Ако тие не можат да се вклучат во Суперлигата, тогаш што е со клубовите од сиромашните земји, како што се Македонија, Србија, Романија, унгарија, Грција и други источноевропски држави?
А колку е сето ова бесмислено можеби е најочигледно токму во најсилните фудбалски лиги како што е англиската, шпанската или италијанската, каде што сите клубови, освен тие 12, се изоставени и чекаат милостина.
Планот е Суперлигата да започне во август, со 20 екипи поделени во две групи, акде што ќе се игра по систем секој со секој по два натпревара – еден дома и еден на гости. Првите три екипи директно влегуваат во четвртфинале, а четвртопласираните и петтопласираните играат бараж за преостанатите места во четвртфиналето, додека финалето се игра на крајот на мај.
За претседател на новата Суперлига избран е првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Финансиски зад натпреварувањето стои американската банка „J.P. Morgan“, која планира да инвестира 5,5 милијарди евра на годишно ниво. Клубовите основачи веднаш би требало да добијат по 350 милиони евра.
ФИФА и УЕФА остро реагираа на оваа одлука и им се заканија на клубовите дека ќе бидат суспендирани од националните и меѓународните натпревари, односно дека нивните играчи нема да можат да играат за своите репрезентации.
Баерн Минхен останува верен на УЕФА
Актуелниот европски и германски шампион, Баерн Минхен, денеска со соопштение го потврди ставот дека не планира да биде дел од новоформираната фудбалска Суперлига.
Она што веќе го најави Карл-Хајнц Румениге, сега е само официјализирано, со изјавите на Румениге и претседателот Херберт Хајнер, кои објаснија зошто клубот донел ваква одлука.
– Нашите членови и фанови се против Суперлигата. Тоа е наша желба и како Баерн Минхен и се надеваме дека заедно со другите европски клубови ќе продолжиме да ја развиваме Лигата на шампионите во сорабтка со УЕФА – истакнува Хајнер.
Суперлигата го брка Меси од Барса?
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта вети дека ќе го задржи Лионел Меси во клубот, но создавањето на европска Суперлига би можела да му направи проблем.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин кажа дека фудбалерите кои ќе настапат во Суперлигата, нема да добијат можност да играат во големите натпреварување, односно Европското првенство и Светското првенство, а тоа нема да му се допадне на Меси.
За Меси тоа значи дека нема да добие можност да го освои Мундијалот со Аргентина, па тоа предизвика нови шпекулации за иднината на Аргентинецот.
Бекам: Играта што ја сакаме е во опасност
Светската фудбалска легенда и воедно ко-сопственик на МЛС тимот Интер Мајами, Дејвид Бекам, се огласи во јавноста и го даде својот став за новоформираната Европска Супер Лига.
– Јас сум некој што сака фудбал. Тоа е мојот живот онолку долго колку што паметам. Го закавав уште како дете како навивач, сега се уште сум навивач. Како играч и сега како сопственик знам дека нашиот спорт не е ништо без навивачите. Потребно ни е фудбалот да биде за секого. Потребен ни е фудбалот да биде фер и потребни ни се натпреварувања засновани на заслуги. Ако не ги заштитиме овие вредности, играта што ја сакаме е во опасност – порача Бекам.