РАКОМЕТАРИТЕ НА ОХРИД ОДАТ ВО ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКИОТ КУП По втор пат го победија Олимпијакос
Пред три илјади гледачи во целосно исполнетата сала „Билјанини извори“ во Охрид домаќините за нијанса беа подобриот тим и на крајот заслужено се радуваа.
Ракометарите на Охрид и во реванш-натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп одигран вечерва на домашен терен го совладаа атинскиот клуб Олимпијакос со резултат 25:24 (14:12 полувреме).
Пред три илјади гледачи во целосно исполнетата сала „Билјанини извори“ во Охрид домаќините за нијанса беа подобриот тим и на крајот заслужено се радуваа.
Натпреварот беше доста тврд, гостите од Грција беа нешто поефикасни во вториот дел, дури и водеа еден гол разлика на неколку минути пред крајот, но сепак охриѓани не дозволија никакви изненадувања и со победа на радост на своите навивачи само го повтрдија успехот посгинат во Атина.
Најдобри во редовите на македонскиот претставник беа голманот Филиповиќ со десет одбрани, Иванковиќ постигна девет, Јагуриноски четири гола.
Тренерот на ГРК Охрид, Борис Роевиќ, по натпреварот рече дека тој и играчите очекувале тежок меч, дека Челенџ-купот никогаш не бил посилен од оваа година…Она што е проблем е што како што посочи, играчите се веќе на истек на силите, мал е ростерот…
– Пред крајот малку го смиривме натпреварот, по тајм-аутот, на крајот оствариме уште една победа, што ми е мене мошне мило. Знаете, иако минуваме, сепак, поинаку е да се оди натаму со победа, сепак да ја израдуваме оваа прекрасна публика. На момците им честитам на феноменална борба, огремен успех за нас, ќе се обидеме да не останеме на ова, рече Роевиќ.
Со вечерашната победа ГРК Охрид се пласира во полуфиналето на Европскиот ЕХФ куп, каде ќе вкрсти со словенечекиот клуб Целје Пивоварна Лашко. Првиот натпревар ќе се игра во гости.
Капитенот Гоце Ојлески за престојното полуфинале и гоствувањето Словенија рече дека ќе биде интересно, знаејќи дека противникот е одличен тим, познат во европскиот ракомет…
– Целје знаеме каков клуб е и што бил во европскиот ракомет. Имаат добри, млади момци што играат брз, модерен ракомет. Нам ни останува да одмориме, да се стабилизираме и да се подготвиме што подобро за тој дуел, рече Ојлески.
Анте Иванковиќ за вечерашниот натпревар рече дека пред ваква публика, вакви навивачи секогаш е полесно да се игра, дека самодовербата во такви услови кај играчите е далеку поголема пред секој натпревар.
За дуелот со Целје, тој рече дека клучен ќе е првиот натпревар таму.
– Гостувањето таму ќе ни покаже, каде сме, какви сме, Тоа е екипа што игра доста тркачки, напаѓачки…Ние пак сме одлични во одбрана, пе ќе видиме тој сооднос што ќе донесе, рече Иванковиќ.
Натпреварот во „Билјанини извори“ коректно го водеше судиската двојка Мандак – Рудински од Словачка. На трибините на салата во Охрид немаше навивачи на грчкиот клуб, исто како што немаше македонска публика на претходниот меч одигран пред шест дена во Пиреја.
И публиката во Охрид на нивото на задачата, добри домаќини, без провокации, неумесни скандирања, со аплаузи и спортско бодрење ги понесоа своите ракометари до победата до овој голем успех за охридскиот ракомет. аб/зс/