РАДОИЧИЌ РАКОВОДЕЛ СО 11 ЛАБОРАТОРИИ ЗА МАРИХУАНА? Косовските власти тврдат дека откриле која криминална мрежа оперирала на северот
Анонимни лица за БИРН рекле дека марихуаната се одгледувала во две соби, од кои едната била со димензии 48 на 16 метри и дека биле пронајдени 16 клима уреди, а во лабораторијата имало грејни сијалици и 316 парчиња трансформатори, од кои едната вреди нешто помалку од 200 евра, додека секоја сијалица вреди околу 100 евра.
Косовската полиција во изминатата година и пол открила 11 лаборатории за одгледување марихуана на северот на Косово, а полицајците кои ги воделе овие акции тврдат дека лицата кои биле фатени во тој нелегален бизнис биле поврзани со Милан Радоичиќ, пишува БИРН.
Радоичиќ од страна на косовските власти беше осомничен дека е меѓу организаторите на крвавите настани во селото Бањска од септември кои го потресоа регионот. Според написот, влијанието на Радоичиќ врз неколкуте групи кои одгледувале марихуана се намалило откако тој е во бегство во Србија. Вишиот суд во Белград одби да му додели притвор, но Радоичиќ не смее да го напушти местото на живеење и му е одземен пасошот. Интерпол распиша потерница по него на 7 декември.
Во селото Извори, лоцирано меѓу Лепосавиќ и Зубина Поток, веднаш до административниот премин со Србија, откриено е најголемото место за одгледување марихуана на северот на Косово. Видеото од лабораторијата може да се погледне овде.
Лабораторијата откриена на 23 мај минатата година, имала повеќе од 10.000 стебла канабис, изјавија за БИРН од косовската полиција пренесува Н1.
Анонимни лица за БИРН рекле дека марихуаната се одгледувала во две соби, од кои едната била со димензии 48 на 16 метри и дека биле пронајдени 16 клима уреди, а во лабораторијата имало грејни сијалици и 316 парчиња трансформатори, од кои едната вреди нешто помалку од 200 евра, додека секоја сијалица вреди околу 100 евра.
БИРН наведува дека ова била најдобро опремена лабораторија за одгледување марихуана – имала најсовремена опрема, која вклучувала голем број клима уреди и специјални филтри кои спречуваат мирисот на марихуаната да се шири надвор од просторот каде што се одгледувала.
– Сите климатизери, вентилација, сите филтри… Пронајдени се и други лаборатории на северот, но ниту една од нив ги немаше оние специјални филтри што спречуваат мирисот на канабис да се шири надвор – изјавија за БИРН од косовската полиција.
– Овие лаборатории на северот на Косово работат околу две години – вели Ветон Елшани, в.д. директор на косовската полиција на северот.
Двајца од нив дури непречено работеле на оддалеченост од помалку од 100 метри од зградата на судот и полицијата во Северна Митровица.
Проценките за приходот генериран од одгледувањето марихуана драстично варираат. Додека косовската полиција и премиерот на Косово Албин Курти наведуваат дека се работи за стотици милиони евра, меѓународната организација „Глобални иницијативи за борба против транснационалниот организиран криминал“ проценува дека овој приход е многу помал и дека за цело Косово изнесува 28 милиони евра.
Во два случаи се поднесени обвиненија, а за другите истрагата сѐ уште трае.
Зголемувањето на производството на канабис во Косово се случи затоа што фармите за марихуана во Албанија, од каде што канабисот потоа беше пренесен на Косово, беа откриени и нивната работа беше оневозможена, што доведе до скок на цената на канабисот, особено по 2019 година, се вели во извештајот на Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал, пренесува БИРН.
Извори на БИРН од Косово наведуваат дека отворањето лаборатории за одгледување марихуана на северот на Косово започнало по 2020 година, а се интензивирало во 2021 година.
Во тој период, односите меѓу Белград и Приштина беа затегнати поради напорите на Приштина да воведе косовски регистарски таблички, што резултираше со подигање барикади, протести и судири на северот на Косово.
Додека се водеше битка за регистарски таблички, а челниците на Српската листа, меѓу кои и Милан Радоичиќ, ги повикаа сонародниците да одбијат пререгистрација на возила со косовски таблички, милиони евра беа вложени во опремување на површини за одгледување марихуана.
Радоичиќ и неговиот близок пријател и соработник Звонко Веселиновиќ беа ставени на списокот за санкции на американското Министерство за финансии на 8 декември 2021 година.
Освен Радоичиќ американското министерство наведува дека во криминалната група се и Звонко Веселиновиќ, неговиот брат Жарко и бизнисменот Синиша Недељковиќ од Звечан. Тие се вмешани во голема шема за поткуп со косовските и српските безбедносни службеници.
Американското Министерство потоа потсети дека некои членови на оваа група се осомничени дека се вмешани во убиството на Оливер Ивановиќ.