Бугарскиот претседател Румен Радев вечерва им се придружи на демонстрантите, на 15-от ден од антивладините протести во Софија и другите градови низ земјата , соопшти БГНЕС.
– На 15-от ден од протестите благодарение на вас плоштадите се полни со надеж и непомирливост. Илјадници луѓе протестираат на улиците на сите поголеми градови во Бугарија и Европа. Транспарентите ви кажуваат многу вистини за кои медиумите молчеа, за кои властите остануваат глуви и одбиваат да ги слушнат. Протестите ги убедија сите Бугари дека не се сами и дека заедничката желба за слобода, закон и правда ги обединува сите генерации. Бугарија излезе од хипнозата на пропагандата и светот ја погледна Бугарија. Бугарите никогаш не биле пообединети во желбата да ја повратат земјата од мафијата. Плоштадот роди братство на чесни луѓе кои нема да бидат робови на лаги и закани и ќе отфрлат каква било несреќа и кои веруваат дека слободна Бугарија на достојни граѓани е нашата иднина – рече бугарскиот претседател пред насобраните.
Од протестот се бара оставка од целата влада и главниот обвинител. Владата повторно е глува и не ги слуша гласовите на луѓето и зборува за некои шминкања во кабинетот. Тие се надеваат дека летните одмори и заморот ќе ве поколебаат, но ако имаат храброст да се симнат меѓу вас и да ве погледнат во очи, ќе видат дека нема да го дозволите ова – додаде Радев.
Според него, протестите се почеток на крајот на злобниот модел што Бугарија ја закотви на дното на Европа.
– Ни треба нов парламент затоа што сегашното мнозинство е глуво на барањата на народот. Треба да го отвориме патот за уставни реформи и промени што ги зајакнуваат граѓанските права, спроведуваат судски реформи, ја нарушуваат корупцијата, обезбедуваат услови за работа и приход и што ги враќаат нашите браќа од странство. И многу е важно – да се гарантира европскиот развој на Бугарија, и да не се користат овие фрази како убава фасада, зад која се вртат грабежи и бес. Задачата е историска, бара единство! Го видов зборот „заедно“ на многу транспаренти, но тој е клучот за успехот. Влогот е Бугарија, а сите вие денеска ја пишувате историјата на Бугарија – рече Радев.