Работниците од штипска „Баргала“ ќе ги добијат платите и ќе им се платат придонесите
Синдикатот и раководството на компанијата договорија да не се преземаат никакви мерки за работниците кои во текот на вчерашниот ден одржаа протест пред влезот на Компанијата.
Раководството на „Баргала“ АД Штип, Сојузот на синдикатите на Македонија, НВО „Гласен Текстилец” и претставници на работниците доцна попладнево постигнаа договор за исплата на задоцнетите плати и разликата во плати за работниците.
„Договорено е да продолжи редовна исплата на платата на работниците започнувајќи од платата за месец септември до месец март 2021 година, месечно да се исплаќа и разликата на платата која работодавачот не им ја исплатил на работниците за три месеци по 30%, како и разликата на плата од 10%, која била помалку исплатена за месец февруари. Договорено е придонесот за здравствено осигурување да се исплаќа авансно, а со тоа работниците непрекинато да користат здравствени услуги во наредните месеци се додека не се исплати целокупниот заостанат долг кон работниците од страна на работодавачите“, се наведува во соопштението по средбата.
Исто така е договорено да не се преземаат никакви мерки за работниците кои во текот на вчерашниот ден одржаа протест пред влезот на Компанијата, како и во иднина да се почитуваат одредбите од Законот за работни односи и Колективниот договор.