ПУТИН ВО ВИДЕООБРАЌАЊЕ ЈА НАРЕЧЕ ВОЈНАТА ПРАВЕДНА БИТКА „Цела нација се бори за јазикот, културата, верата…“
Рускиот претседател нагласи дека Русија се бори за одбрана на националните интереси, историјата, јазикот, културата и верата.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските сили победуваат во „праведната битка“ во Украина.
– Ние направивме она што требаше да се направи и се гордееме со тоа. Ги поддржавме нашите браќа и сестри во нивната цврста и одговорна одлука. Денес, бранејќи го тој избор, нашите борци и команданти тргнуваат во напад. Целата земја, цела Русија води праведна битка и работи напорно – рече Путин во видеообраќање објавено на веб-страницата на Кремљ.
Тој нагласи дека Русија се бори за одбрана на националните интереси, историјата, јазикот, културата и верата.
– Се бориме и победуваме. Заедно ја браниме љубовта кон татковината и единството на нашата историска судбина – додаде рускиот лидер.
Putin addresses Russians on Reunification Day
Hails the 2022 referendums in Donbass, Zaporozhye and Kherson as a ‘fateful decision’ to return HOME to Russian Fatherland
Says the whole country now defends that choice in a ‘RIGHTEOUS battle’ — and will only become stronger pic.twitter.com/ZsGvjdf7TY
— RT (@RT_com) September 29, 2025
Обраќањето на Путин доаѓа во време кога руското Министерство за одбрана обзнани дека до крајот на годината ќе регрутира 135.000 лица на возраст од 18 до 30 години. Некои аналитичари ја толкуваат оваа одлука како подготовка за нова руска офанзива во Украина.
Според мапи на бојното поле, Русија во моментов контролира околу 114.500 квадратни километри или 19 отсто од Украина, вклучувајќи го Крим и големи делови од источниот и југоисточниот регион.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека за време на контраофанзивната операција во реонот на Добропиља ослободија повеќе од 174 квадратни километри територија и нанесоа загуби од речиси 3.200 руски војници.
Зеленски информира дека добил и најнови податоци за ситуацијата во Купјанск, во пограничните делови на Харковска област и на границата меѓу Доњецката и Днепропетровската област.
– Ситуацијата таму е тешка, но важно е дека нашите сили прават сè за да ги одбранат своите позиции – нагласи тој.
Русија започна целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, нарекувајќи ја „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на соседната држава.
Киев и западните сојузници тоа го оценуваат како неоправдана империјалистичка агресија за окупација на украинска територија.
Војната продолжува и покрај дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп, кој организираше средби на високо ниво со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски лидери.