Путин повика на интеграција со Белорусија додека траат протестите против Лукашенко

Рускиот претседател долго време се залага за поблиски врски со Минск во единствена држава, идеја која Лукашенко досега ја отфрлаше, обвинувајќи ја Русија дека сака да ја проголта неговата земја со 9,5 милиони жители.

683

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека сака соседна Белорусија да ги реактивира замрзнатите планови за поблиска интеграција со Русија по новата изборна победа на долгогодишниот белоруски лидер Александар Лукашенко.

Изјавата на Путин доаѓа во момент кога се одржуваат големи протести во таа земја бидејќи белоруската опозиција ги отфрли резултатите од вчерашните претседателски избори, на кои Лукашенко извојува убедлива победа, и бараат разговори за мирен трансфер на власта.






Рускиот претседател долго време се залага за поблиски врски со Минск во единствена држава, идеја која Лукашенко досега ја отфрлаше, обвинувајќи ја Русија дека сака да ја проголта неговата земја со 9,5 милиони жители.

Белорусија е клучна транзитна земја за руската нафта на патот кон Запад, а Москва ја смета за корисна тампон зона во однос на НАТО, појаснува Хина.

„Се надевам дека вашето државничко дејствување ќе придонесе за развој на заемно корисни руско-белоруски односи во сите области, продлабочување на соработката во рамки на Алијансата на Русија и Белорусија и зајакнување на процесите за интеграција“, рече Путин во телеграмата со честитки до Лукашенко.

Путин наведе дека се надева оти Белорусија ќе избере и поблиски воено-политички врски со Русија во одбранбениот блок на кој тие заедно припаѓаат .

Лукашенко (65) сè уште не одговорил на пораката.

Поврзани содржини