ПУТИН ПОСОЧИ КОЈ СТОИ ЗАД ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД ВО МОСКВА Злосторството е извршено од радикални екстремисти, но има врска со режимот во Киев
Потребно е да се одговори на прашањето зошто по извршувањето на злосторството терористите се обиделе да заминат во Украина? Кој ги чекал таму? – истакнна Владимир Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска по првпат призна дека „радикални исламисти“ стојат зад минатонеделниот напад на концертна сала во северното предградие на Москва, но оцени дека Украина е вмешана на некаков начин.
Единаесет лица се приведени во врска со нападот, во кој камуфлирани вооружени лица упаднаа во концертната сала Крокус, отворија оган врз посетителите на концертот и ја запалија зградата, при што загинаа најмалку 137 луѓе, пренесува Скај њуз.
– Знаеме дека злосторството е извршено од рацете на радикалните исламисти, против чија идеологија се бори и самиот исламски свет со векови – рече Путин во телевизиско обраќање.
Рускиот претседател, истакна дека режимот во Киев сепак, има некаква врска со нападот
– Ова злосторство можеби е само врска во цела серија обиди на оние кои војуваат со нашата земја од 2014 година и со неонацистичкиот режим во Киев – посочи Путин.
Рускиот претседател како главна причина за овој сомнеж го наведе фактот што терористите по злосторството се обиделе да избегаат токму во Украина.
– Се разбира, потребно е да се одговори на прашањето зошто по извршувањето на злосторството терористите се обиделе да заминат во Украина? Кој ги чекал таму? – праша Путин, пренесува ТАСС.
Според него, оние кои го планирале нападот „се надевале дека ќе посеат паника и раздор“ во општеството.
Џихадистичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Москва, а медиумските канали поврзани со ИД објавија графички видеа од вооружените напаѓачи внатре во самото место на нападот за кои е потврдено дека се автентични.