ПУТИН И ЛУКАШЕНКО СОЗДАВААТ НОВ СССР? Земјите од некогашниот Варшавски пакт економски да се обединат

Невидениот политички и санкционерски притисок од таканаречениот „обединет Запад“ нè турка да го забрзаме процесот на обединување, рече Путин во видео обраќањето на годишниот Форум на руски и белоруски региони.

513

Своевиден нов Советски сојуз, како економска унија меѓу поранешните членки на Варшавскиот пакт од Источна Европа, предложил рускиот лидер Владимир Путин, а бил поддржан од белорускиот колега Алексндар Лукашенко, пишува Мондо.

– Невидениот политички и санкционерски притисок од таканаречениот „обединет Запад“ нè турка да го забрзаме процесот на обединување – рече Путин во видео обраќањето на годишниот Форум на руски и белоруски региони.






– На крајот на денот, заедно полесно е да се минимизираат штетите од незаконските санкции, полесно е да се совлада производството на потребните производи, да се развијат нови надлежности и да се прошири соработката со пријателските земји  – додаде тој.

Путин посочи и дека оваа унија ќе биде одговор на санкциите наметнати од западните земји кон Русија и нејзините сојузници, како што е Белорусија, по почетокот на офанзивата против Украина.

– Сеопфатните западни санкции само ја забрзуваат интеграцијата на Русија и Белорусија – рече рускиот претседател, објаснувајќи дека неколку рунди санкции се воведени како одмазда за операцијата на Русија во Украина, а Белорусија дури беше обвинета дека служи како „отскочна штица“ за упадот на Русија во Украина од северна страна.

Лукашенко е единствениот претседател на поранешна советска република кој отворено ја поддржа руската таканаречена „специјална воена операција“ во Украина. Зборувајќи на овој форум, тој рече дека поранешните советски републики треба да бидат заинтересирани за зајакнување на врските со Белорусија и Русија „ако, се разбира, сакаат да го зачуваат својот суверенитет и независност“, бидејќи во спротивно ќе бидат „газени“.

Русија и Белорусија формално се дел од „државна унија“ која овозможува широка економска и одбранбена соработка.

Поврзани содржини