„ПУТИН ГО НАВРЕДУВА ТРАМП“ Германија смета дека САД ќе имаат јасен одговор на агресијата на Русија

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, нагласи дека претседателот на САД, Доналд Трамп, вложил значителни напори за да го донесе рускиот претседател Владимир Путин на преговарачка маса, „а како одговор, Русија го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата врз Украина“.

620

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, го обвини рускиот претседател Владимир Путин за измама и за навреда, како на сојузниците на Украина, така и на самиот претседател на САД, Доналд Трамп, поради масовните воздушни напади врз украински градови викендов, јави ДПА.

– Путин ги погазува човековите права. Тоа е навреда – вклучително и кон претседателот на САД Доналд Трамп – изјави Вадефул за јавниот сервис АРД.






Тој нагласи дека Трамп вложил значителни напори за да го донесе Путин на преговарачка маса, „а како одговор, Русија го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата врз Украина“.

Според украинските власти, во нападите што се случиле ноќта кон неделата загинале најмалку 12 лица, а десетици се повредени.

– Ова јасно покажува дека Путин не е заинтересиран за мир. Тој сака да ја продолжи оваа војна, а ние тоа не смееме да го дозволиме – рече германскиот министер.

Тој најави нови европски санкции и оцени дека ќе има „јасен одговор од Западот – и, верувам, од САД“.

Според него, во американскиот Сенат веќе се подготвува обемен пакет санкции „со сериозни последици за руската економија, кои ќе ѝ нанесат финансиска болка на Москва“.

Истовремено, Вадефул посочи дека вратата за разговори останува отворена: Украина е подготвена за дијалог и Путин треба да седне на преговарачката маса.

Поврзани содржини