🎥 ПУКАЊЕ ВО ПОДГОРИЦА Шест лица повредени во кафуле, осомничениот уапсен
Откако завршил увидот на местото на настанот, поставени биле блокади, земени изјави од десетици граѓани и видео снимки од неколку објекти, а полицијата го уапсила осомничениот.
Дваесет и тригодишен човек ранил шест лица, од кои петмина полесно, а едно потешко, околу полноќ, во кафуле во центарот на Подгорица, Црна Гора, соопшти полицијата.
Тој бил веднаш уапсен.
Синоќа, околу дваесет минути по полноќ, дежурната служба на Одделот за безбедност на Подгорица добила пријава дека е употребено огнено оружје во градината на ресторанот „Зошто“ во центарот на градот, соопшти Полициската управа.
„Во таа прилика, шест лица се здобија со повреди, од кои пет беа полесни во долните екстремитети, додека едно лице доби прострелна рана во пределот на грбот и не е во животна опасност“, соопшти полицијата.
На повредените веднаш им е укажана медицинска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора.
Полицијата го идентификуваше Михаил Лакушиќ од Подгорица како осомничен, кој избегал по пукањето.
Откако завршил увидот на местото на настанот, поставени биле блокади, земени изјави од десетици граѓани и видео снимки од неколку објекти, а полицијата го уапсила осомничениот.
„За краток временски период, осомничениот Л.М. беше пронајден и уапсен на улицата Фрушкогорска во населбата Мало Брдо“, информираше полицијата.
Оваа населба се наоѓа на неколку километри од кафулето на улица Његошева каде што се случило пукањето.
Полицијата се сомнева дека на настанот му претходела кавга.
Вишото државно обвинителство во Подгорица е информирано за инцидентот, чиј обвинител спроведе истрага со полицијата. Лакушиќ треба да биде однесен во обвинителството во законскиот рок.