📽️ ПУКАЊЕ НА ФЕСТИВАЛ ЗА ХРАНА ВО СИЕТЛ Две лица загинаа, меѓу ранетите и двегодишно дете

Две лица загинаа, а најмалку петмина се повредени, меѓу нив и двегодишно дете, во вооружен напад на популарниот фестивал „Bite of Seattle“, додека полицијата трага по сторителот.

1

Две лица загинаа, а најмалку петмина се повредени во пукање што се случи во неделата вечер по локално време на популарниот фестивал за храна „Bite of Seattle“ во комплексот „Seattle Center“. Меѓу повредените има и двегодишно дете, а полицијата соопшти дека спроведува истрага за инцидент со повеќе жртви и ги повика граѓаните да го избегнуваат тоа подрачје, пренесува Би-Би-Си.

Противпожарната служба на Сиетл потврди дека две лица починале на местото на настанот. Петмина побарале лекарска помош.






Во тешка состојба е 56-годишна жена, која е пренесена во болница. Двегодишното момче е во стабилна состојба и исто така е хоспитализирано. Во болница се пренесени и 39-годишна жена и 23-годишен маж, кои се во стабилна состојба. Една 40-годишна жена се здобила со полесни повреди и одбила болничко лекување.

Пукањето се случило околу 18 часот по локално време, за време на годишниот фестивал кој секоја година привлекува стотици илјади посетители.

 

Очевидци за локалните медиуми изјавиле дека најпрво слушнале неколку силни истрели, а потоа звук кој наликувал на рафална стрелба.

– Прво помислив дека станува збор за огномет, а потоа сите одеднаш почнаа да трчаат покрај нас – изјавил еден посетител.

Еден од угостителите кој работел на фестивалот за Seattle Times рекол дека слушнал повеќе истрели „во ист момент“ и видел испаничени родители како ги земаат своите деца и трчаат кон излезите.

Тој додал дека децата плачеле, а на местото на настанот настанала општа паника. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе како прескокнуваат огради и бараат засолниште во фоајето на блиската кула „Space Needle“.

На местото на нападот бил распореден голем број полицајци и екипи на итната помош. Фотографиите покажуваат припадници на полицијата во тактичка опрема како го обезбедуваат просторот околу напуштените штандови со храна.

 

Медицинскиот центар „Harborview“, каде што се згрижени дел од повредените, вовел делумна блокада.

Портпаролот на болницата објаснил дека мерката е воведена во договор со полицијата за да се заштитат жртвите и нивните семејства.

 

Во болницата се лекуваат четири лица, а потврдено е дека двегодишното дете е во стабилна состојба.

Останатите пациенти се две жени и еден маж, кои исто така се во стабилна состојба, при што една од жените е подложена на операција.

Од болницата соопштија дека не очекуваат прием на нови пациенти поврзани со нападот.

Полициската истрага е во тек, а засега не се објавени информации за евентуалниот напаѓач или осомничени лица.

Поврзани содржини