ПСИХОЛОШКА ВОЈНА ИЛИ ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА? Путин повлече црвена нуклеарна линија за САД

Прашањето е критично за текот на војната. Ако Путин блефира, како што веруваат Украина и некои нејзини поддржувачи, тогаш Западот може да се чувствува подготвен да ја продлабочи својата воена поддршка за Киев без оглед на заканите на Москва. Ако тој е сериозен, постои ризик - постојано наведен од Москва и осознаен од Вашингтон - конфликтот да се претвори во Трета светска војна.

1,559

Претседателот Владимир Путин повлече „црвена линија“ за САД и за нивните сојузници сигнализирајќи дека Москва ќе размисли да одговори со нуклеарно оружје доколку ѝ дозволат на Украина да удри длабоко во Русија со западни ракети со долг дострел.

Но, некои на Запад се прашуваат: дали тој всушност го мисли тоа?






Блеф или Трета светска војна?

Прашањето е критично за текот на војната. Ако Путин блефира, како што веруваат Украина и некои нејзини поддржувачи, тогаш Западот може да се чувствува подготвен да ја продлабочи својата воена поддршка за Киев без оглед на заканите на Москва, пишува Ројтерс.

Ако тој е сериозен, постои ризик – постојано наведен од Москва и осознаен од Вашингтон – конфликтот да се претвори во Трета светска војна.

Во последниот од долгата серија предупредувачки сигнали, Путин во средата го прошири списокот на сценарија што може да доведат до употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија. Тоа може да го направи, рече тој, како одговор на голем прекуграничен конвенционален напад во кој учествуваат авиони, проектили или беспилотни летала. Соперничка нуклеарна сила која поддржува земја што ја напаѓа Русија ќе се смета за учесничка во тој напад.

И двата критериума се однесуваат директно на ситуацијата што би настанала доколку Западот ѝ дозволи на Украина да нападне длабоко во руската територија со западни ракети со долг дострел, како што се американските ATACMS и британските „Сторм шедоус“.

– Тоа беше многу јасна порака: „Не правете грешка – сите овие работи може да значат нуклеарна војна – рече поранешниот советски и руски дипломат, Николај Соков.

Нуклеарниот аналитичар Бахрам Гиасе го поврза тајмингот на забелешките на Путин со лобирањето на Западот за користење ракети со долг дострел од Украина и со фактот дека претседателот Володимир Зеленски оваа недела ќе дискутира за својот случај со американскиот претседател Џо Бајден.

Нуклеарна уцена

Реакцијата од Киев беше брза, а шефот на кабинетот на Зеленски го обвини Путин за „нуклеарна уцена“.

„Според мое мислење, ова е уште еден блеф и демонстрација на слабоста на Путин. Тој нема да се осмели да користи нуклеарно оружје бидејќи тоа ќе го направи целосно отфрлен“, напиша поранешниот советник на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, на социјалната платформа Икс.

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, рече дека предупредувањето на Путин е неодговорно и дека не е првпат тој да „мавта со нуклеарна сабја“.

Андреас Умланд, аналитичар во Шведскиот институт за меѓународни односи, го обвини Путин дека игра психолошки игри.

„Ова е психолошка операција од страна на Кремљ, но без многу суштина. Таа е дизајнирана да ги исплаши лидерите и гласачите на земјите што ја поддржуваат Украина“, напиша тој.

Експертот за одбрана во Осло, Фабијан Хофман, рече дека не верува дека коментарите на Путин може да се игнорираат, но дека е важно да не се претерува.

„Руската нуклеарна употреба не е неизбежна. Загриженоста е оправдана само кога Русија сигнализира вистински подготовки“, рече тој на Икс.

Хофман рече дека следните чекори би можеле да бидат отстранување на боеви глави од складиштата и нивно спарување со возила за испорака за тактички напад, пред да се забрзаат подготовките за нуклеарна употреба од големи размери, со ставање бомбардери во состојба на готовност, но сето тоа ќе го откријат американските разузнавачки агенции.

И експертот за руска безбедност, Марк Галеоти, напиша: „Разговорот е лесен и има политичко влијание, но нема докази за вистинската подготвеност да се користи нуклеарно оружје, а ако се случи тоа, ќе откриеме“.

Прагот на толеранција е достигнат?

Сепак, Путин беше поконкретен отколку во минатото за околностите што може да поттикнат употреба на нуклеарно оружје. Неговиот портпарол во четвртокот рече дека неговите коментари биле наменети како сигнал до западните земји дека ќе има сериозни последици доколку учествуваат во нападите врз Русија.

Во исто време, најавените промени не беа во однос на она што го повикуваа некои коментатори.

Најпознатиот од нив, Сергеј Караганов, се залагаше за ограничен нуклеарен напад во Европа што ќе ги „отрезни“ непријателите на Русија и ќе ги натера сериозно да го сфатат нејзиното нуклеарно одвраќање.

Во практична смисла, промените го прошируваат рускиот нуклеарен чадор за да ја покрие соседна Белорусија, близок сојузник. Тие го намалуваат прагот за употреба на нуклеарно оружје наведувајќи, на пример, дека тоа може да се случи како одговор на конвенционален удар што претставува „критична закана за нивниот суверенитет“.

Претходно, нуклеарната доктрина зборуваше за закана за „самото постоење на државата“. Путин го објави ова во 4-минутно видео во кое се гледа како им се обраќа на деветте членови на Советот за безбедност што се состанува двапати годишно за да разговара за нуклеарното одвраќање.

Тој рече дека употребата на нуклеарно оружје е екстремна мерка и Русија отсекогаш му пристапувала на прашањето одговорно.

Министрите и шефовите на разузнавањето внимателно слушаа, повремено нервирајќи се или мешајќи хартии. Еден од учесниците – Алексеј Лихачев, шеф на државната нуклеарна корпорација Росатом – напиша детални белешки.

Но, вистинските адресати на пораката на Путин беа во Киев, Вашингтон и во Лондон.

Рускиот политички консултант Евгениј Минченко рече дека наметнувањето на ревидираната доктрина е порака до Украина и до Западот да не ја ескалираат војната понатаму во Русија.

„Ако се обидете да не убиете со рацете на вашиот полномошник, ќе го убиеме и вашиот полномошник и вас“, беше пораката, рече тој.

Поранешниот советник во Кремљ, Сергеј Марков, рече дека промените ја отвориле вратата за Русија со користење тактичко нуклеарно оружје на бојното поле, во одредени сценарија, имено против Украина.

„Прагот за употреба на нуклеарно оружје е намален. Сега на Русија ќе ѝ биде полесно да користи нуклеарно оружје. Причината за промена на нуклеарната доктрина беше заканата од целосна ескалација од страна на Западот. Западот е сигурен дека Русија нема прва да користи тактичко нуклеарно оружје. Русија сега вели дека е подготвена да го стори тоа“, рече Марков на својот официјален блог.

Марков сугерираше дека Русија би можела да користи тактичко нуклеарно оружје против Украина или против воздушни бази во Романија или во Полска доколку украинските воени авиони летаат оттаму и ако Киев – со сателитска поддршка од САД или од Велика Британија – ги искористи авионите за да ја нападне Москва или делови од централна Русија.

„Без почит“

Игор Коротченко, воен аналитичар кој често се појавува на државната телевизија, рече дека промените се неопходни бидејќи Западот игнорирал голем број претходни предупредувачки сигнали против понатамошна ескалација, вклучително и руските вежби, во текот на летото, за употреба на тактичко нуклеарно оружје.

– Гледаме дека западните противници повеќе не почитуваат никакви „црвени линии“, верувајќи дека какви било акти за вооружување на Украина и напади со помош на Запад, врз објекти длабоко во руската територија, нема да бидат одговорени со нуклеарна ескалација – изјави Коротченко за весникот „Известија“.

Владимир Аватков, кој седи во официјалното тело кое му нуди совети на Путин за меѓународните односи, рече дека објавувањето на промените во доктрината ѝ овозможило на Москва да добие предност пред Западот да ѝ даде ракети за Украина за напад во Русија.

„Нека размислат сега. Ова е обид не само да ги предупредиме, туку да им го вратиме стравот што целосно го изгубиле.“, рече тој на Телеграм.

Промените беа силно поздравени од руските националисти и воени блогери, од кои некои долго време се залагаа Москва да користи нуклеарно оружје за да ја принуди Украина на капитулација.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател, Дмитриј Медведев, предупреди дека зборовите на Путин треба да им дадат пауза на Украина и на Западот за размислување.

– Самата промена на регулаторните услови за употреба на нуклеарни компоненти од страна на нашата земја може да ја олади жестината на оние противници кои сè уште не го изгубиле чувството за самоодржување – изјави тој.

Западот е како мало дете

Поранешниот руски дипломат Соков рече дека во Москва постои видливо чувство на фрустрација бидејќи Западот е глув на нејзините многубројни нуклеарни предупредувања.

Тој рече дека кога Русија оваа година организираше 3 рунди вежби за симулирање на подготовките за лансирање на тактички нуклеарни ракети, имаше поплаки во медиумите и меѓу експертите дека западните земји не обрнуваат внимание.

– Така сега решија да го засилат сигналот. Путин одлучи дека Западот е како мало дете и дека мора да му ја објасните секоја мала работа бидејќи едноставно не ја разбира – рече поранешниот дипломат.

Соков рече дека е загрижен поради разговорите меѓу политичарите и коментаторите кои тврдат дека Западот ги преминал низата руски црвени линии неказнето – со снабдување на Украина со тенкови и со борбени авиони Ф-16, на пример – и дека може да ги игнорира предупредувањата на Москва.

Всушност, рече тој, Западот допрвин треба да ги прекрши двете црвени линии што Русија ги повлече јасно: испраќање трупи на НАТО за да се борат во Украина и дозволување на Украина да истрела западни ракети со долг дострел кон Русија.

– Како да ја знаеме неговата реакција (на Путин), ако досега всушност не сме преминале никакви руски црвени линии? Ако не ги земете предвид ризиците, веројатно ќе имате многу непријатно изненадување – рече тој во телефонско интервју, тврдејќи дека таквиот пристап се заснова на нагаѓања, а не на податоци.

 

 

Поврзани содржини