ПРВПАТ ИМАМЕ МЕСЕЧЕН СУФИЦИТ ВО БУЏЕТОТ Мицкоски им одговори на СДСМ и на ДУИ за забелешките за новогодишната кошничка
Премиерот рече и дека речиси историско ниво ќе се достигне на странски директни инвестиции поголеми од милијарда, октомври инфлацијата споредено со септември -0.7%.
Видовме изминативе 7 години како изгледаше економијата по принципот на СДСМ И ДУИ, економија полна со криминал и корупција, она што најмалку треба да го прават овие партии е да молчат и да нѐ остават да работиме, кога веќе има првични индикатори и резултати кои што се позитивни, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со предлогот на СДСМ да се користат нивните мерки за намалување на цените на основните производи наместо неефикасните мерки до потрошувачки кошнички.
– Бевме заковани на дното на Балканот. Седум години во економија на нестабилност, неизвесност. Се менуваа даночни основи, па пак се враќаа назад, па прогресивен, па непрогресивен данок. Па, потоа се сеќавате се зголемуваше ДДВ на одредени производи, па се воведуваше луксузен данок, данок на луксуз… Таа економија ја видовме, и резултатите од таа економија, граѓаните дадоа одговор на 8-ми мај, повеќе од 600.000 граѓани гласа за оваа Влада. Кои се резултатите на оваа Влада, исто така се гледаат – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека за првпат земјата има месечен суфицит во Буџетот.
– Првпат после не знам колку години имаме месечен суфицит во Буџетот, речиси историско ниво ќе достигнеме на странски директни инвестиции поголеми од милијарда, октомври инфлацијата споредено со септември -0.7%. Ова што го зборуваше и министерот очекуваме да даде резултат во овој период за намалување на цената на производите и подобрување на стандардот за граѓаните со оваа акција и со други акции во иднина – рече Мицкоски.
СДСМ денеска на прес конференција оцени дека мерките на владата со кои се нудат поевтини производи преку производни кошнички се неуспешни и предложи владата да ги користи мерките на поранешната влада кои , според нив, имале добри резултати.