ПРВО ТЕМЕЛНО РЕНОВИРАЊЕ ПО 60 ГОДИНИ Со американска донација дел од Клиниката за гастроентерохепатологија доби нов изглед

Клиниката со помош на американската донација е реновирана од корен со поставување на водоводна и нова електрична инсталација и систем за вентилација и центарален кислород, а обновени се и работните простории на медицинскиот персонал.

132

Заврши реновирањето на дел од Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, со што ќе се овозможи најтешко болните од цела држава кои имаат потреба од третман на оваа Клиника да престојуваат во достоинствени услови и да добиваат современи медицински услуги во новоопремените кабинети за дијагностички и интервентни процедури.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска, заедно со амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, придружуван од министерот за здравство, Фатмир Меџити го посети реновираниот дел на Клиниката за гастроентерохепатологија, истакна дека ова е прво вакво реновирање од како е формирана оваа Клиника по 1950 година. Средствата во висина од над 400.000 долари се обезбедени од Владата на САД, односно од американската Команда за Европа преку Програмата за хуманитарна помош од САД, преку која во тек е проширување и на капацитетите на Клиниката за хематологија, а се проширени капацитетите и се реновирани операциските сали на Клиниката за максилофацијална хирургија.






– Вкупно околу 14 милиони долари во изминатите 13 години е поддршката преку оваа американска програма за хуманитарна помош во здравството, образованието и во менаџирањето со кризи и ова е вистинско пријателство на дело. Тоа е потврда дека САД се наш најголем пријател од првиот ден на независноста до денес и во иднина. Република Северна Македонија е на вистинскиот колосек имаме вистински и искрени пријатели од меѓународниот демократски свет и ете ова значи да се биде кредибилен партнер на меѓународната заедница, рече Ковачевски упатувајќи благодарност до САД за огромната поддршка на земјава во сите важни процеси, но и на конкретно ниво преку проекти од суштинско значење за квалитетот на животот на нашите граѓани.

Тој нагласи дека здравството е врвен приоритет на Владата, за што во 2022 година е издвоен значителен дел средства за опремување со современа апаратури, мамографи, томографи и други апарати за најсовремена дијагностика на поголем број здравствени установи во државата, а меѓу другото, зголемени се и платите на здравствените работници, лекарите, медицинските сестри, капитацијата на матичните лекари.

– Продолжуваме да го унапредуваме здравството со истото темпо. Ние не трошиме за милионски жални врби, галии, стиропори и слични работи коишто ги гледавме во минатото, ние ги насочуваме парите кај граѓаните, се грижиме за потребите на граѓаните. Наша цел е европски квалитет на живот на граѓаните и со вистински пријатели како што се САД и ЕУ, Владата на Република Северна Македонија верува и јас лично верувам дека нема недостижна цел, порача Ковачевски упатувајќи благодарност и до ректорот на УКИМ, докторите и професори на оваа Клиника за нивната посветеност и професионален ангажман.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити потенцира дека се посветени на подобрување на здравствениот систем во државата преку инвестирање во овој систем, за што во тек се инвестиции за обнова на здравствени проекти, кадар и за унапредување на условите за вработените. Меѓу главните приоритети се и покачувањето на платите и регулирање на статусот на здравствените работници, а се со цел граѓаните да добијат здравство какво што заслужуваат, да се врати довербата на пациентите и системот дефинитивно да функционира.

Амбасадорката на САД во земјата Агелер потенцира дека овој проект донација од 400.000 долари на Европската команда на војската на САД е само уште еден пример на долгорочната посветеност да и помогнеме на Северна Македонија да изгради доверба и квалитет во нејзините институции.

– Во последните 10 години преку Европската команда на војската на САД обезбедивме преку 13,5 милиони долари за да го подобриме квалтитетот на животот на граѓаните на оваа земја. Преку проекти како овие САД и Македонија заедно ќе продолжат да градат поздрави, посилни и многу попресперитени земји, порача амбасадорката Агелер.

Директорката на Клиниката, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова изрази задоволство од завршувањето на реновирањето на дел од Клиниката, кое е прво темелно реновирање по период од над 60 години, со што пациентите и вработените во оваа клиника добиваат модерен простор кој целосно ги задоволува највисоките стандарди за медицински третман и нега. Таа нагласи дека паралелно со реновирањето се одвивала и работата на Клиниката при што со посветеноста на секој еден вработен биле реализирани меѓу другото 18.118 амбулантски прегледи и над 2300 хоспитализации на пациенти.

– Пред неполни четири години го реновиравме третиот крак на Клиниката, а во амбулантниот дел го отворивме Центарот за болести на црниот дроб, што значи дека денес означуваме комплетно завршување на еден процес и може да се каже дека имаме најсовремени услови за работа што одговараат на терциерна здравствена установа која е единствена од ваков вид во земјава. Но, имаме многу планови за во иднина и нема да останеме на ова, порача Гривчева – Старделова.

Клиниката со помош на американската донација е реновирана од корен со поставување на водоводна и нова електрична инсталација и систем за вентилација и центарален кислород, а обновени се и работните простории на медицинскиот персонал.

Поврзани содржини