ПРВО ПРИСТАП ДО ПАЗАРОТ, ПОТОА ЧЛЕНСТВО Мерц бара интеграција „чекор по чекор“ за Западен Балкан 

Откако веќе се појави нонпејпер за постепена интеграција на Западен Балкан, сега и германскиот канцелар Фридрих Мерц официјално предлага модел на членство „чекор по чекор“. Планот предвидува привилегиран пристап до европскиот пазар, институциите и програмите на ЕУ уште пред полноправното членство.

8

Германскиот канцелар Фридрих Мерц испратил официјално писмо до лидерите на Европската Унија во кое предлага нова стратегија за забрзување на проширувањето, со посебен фокус на Западен Балкан и на Украина.

Според предлогот, земјите од регионот постепено би се интегрирале во европскиот систем уште пред полноправното членство.






Мерц смета дека проширувањето е „геополитичка неопходност“, но предупредува дека сегашниот процес трае предолго и дека ЕУ ризикува да го изгуби реформскиот моментум кај кандидатите.

Информацијата доаѓа во време кога Еурактив објави дека 5 членки на Унијата преку неофицијален документ туркаат модел за постепено членство за Западен Балкан.

Пристап до европскиот пазар и институции

Германскиот план предвидува земјите од Западен Балкан, зависно од реформите, постепено да добиваат пристап до делови од единствениот европски пазар и до европските програми.

Во писмото се предлага и институционално поврзување со Брисел уште пред членството.

Тоа би значело претставници од регионот да учествуваат на заеднички седници со Европската комисија и Европскиот парламент, како и постепено вклучување во одредени политики на Унијата.

Мерц предлага и систем на постепена интеграција по области, односно земјата да добива пристап до конкретни европски механизми веднаш штом ќе исполни услови во тие сектори.

Украина со „придружно членство“

Во писмото, германскиот канцелар предлага и посебен модел на „придружно членство“ за Украина.

Планот предвидува Киев да добие присуство во институциите на ЕУ, претставници во Европската комисија и во Европскиот парламент, но без право на глас.

За Украина би важеле и безбедносни гаранции преку механизмот за взаемна помош на ЕУ, како и пристап до делови од европскиот буџет.

Истовремено, предвиден е и механизам за автоматско укинување на статусот доколку Киев назадува во владеењето на правото.

Балканот не сака Украина да биде привилегирана

Според информациите што ги пренесуваат медиумите, дел од земјите членки веќе се противат Украина да добие побрз и попривилегиран третман од државите од Западен Балкан.

Особено воздржани за оваа идеја се земјите од групата „Пријатели на Западен Балкан“, предводени од Австрија, кои сметаат дека регионот со години чека пред вратите на ЕУ.

Поврзани содржини