Прво нѐ прекрстија, сега…

Може ли воопшто да биде случајно или неважно, што толку запнале во Вашингтон, ама и во Брисел, измислените Бугари да ги ставиме во Уставот? Мора да има нешто клучно, нели? За џабе, не се крева армија на политичари да те присили на нешто што е маргинално. Барем, тоа не треба да ни биде спорно. Ако сакаме да се соочиме со реалноста.

2,644

Со договорот од Нивици, од јуни 2018 година, никој друг не нѐ прекрсти, туку – САД. Не, Грција. Сега, што е сосема логично, тие сакаат да нѐ бугаризираат. Така, го привршуваат своето преку 30 годишно ангажирање во разнебитувањето на Македонците и поделба на Македонија. Не физичка. Границите ќе останат исти бидејќи нивно менување би водело во трета балканска и, веројатно, светска војна. Затоа, државата ни ја делат на албански и бугарски дел. Главната цел е да нема Македонци. Така завршува процесот за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“, којшто САД го започнаа веднаш по распадот на Југославија. За почеток, прво долго не ни ја признаваа државата и, паралелно, на крајно безобразен и нелегален начин, ама практичен и за нив корисен, во СБ на ООН ни го суспендираа историското име од меѓународна употреба. Тоа е коренот на сите наши досегашни и идни голготи.

Се’ што следуваше потоа, во добар дел беше чиста техника. Сепак, имаше и сериозни додатни експлозии. Најголема, секако беше воената агресија од Косово, во 2001-та, која го донесе катастрофалниот Охридскиот рамковен договор (ОРД). Историјата, веројатно, ќе покаже дека таа беше преземена со цел да се отвори простор за ОРД со којшто, во голем дел, беше променет уставниот карактер на државата и се избриша нејзиниот македонски карактер. Со слична разорна сила беа и привремената спогодба со Грција (1995), новата територијална поделба (2004), договорот за (не)пријателство со Бугарија од 2017, (којшто имаше добро испланирано одложено дејство и вклучена заедничка историја, како солидна основа за постепена бугаризација на Македонците), „Тиранската платформа“ (2017) и, на крај – Нивици.






Денес (2023) е сосема извесно дека, ако не се побуниме и кренеме како народ, и не направиме радикален пресврт на (до)сегашните погубни политички тенденции со коишто одамна се соочуваме, наскоро веќе нема да има Македонци. Поточно,  ќе бидеме виртуелни. Ќе постоиме, барем уште некое време, ама само за по дома, и за самите себе, и за никој друг. Постепено ќе исчезнуваме, исто како нашите во Егеј, и во Пирин, бидејќи не можат туку така да не збришат од земјата.

Тоа, воопшто нема да биде тешко бидејќи веќе нема ниту македонска држава, туку некаква измислена – северна. А самите потпишавме дека Македонци има само во Грција, а не овде.

За целосно да се формализираат сите овие политички криминали и фантазмагории на нашите „стратегиски партнери“, државата веќе се трансформира во квази федерација. Албанскиот дел ќе биде сврзан со исто така неформална Голема Албанија, а со другиот дел ќе оживее Санстефанска Бугарија. Не е сосема јасно како ќе бидат поделени овие два дела, за чие (премолчено) разграничување сигурно ќе има сериозни проблеми. Сосема е извесно, меѓутоа, дека нивните граници кон Косово и Албанија, од една страна, и од Бугарија, кон друга, ќе бидат само на хартија. Слично како границата меѓу Косово и Албанија.

Дека се такви намерите и плановите на единствената суперсила, целосно поддржана од нивниот вазал, наречен Европска унија, не треба да има сомнежи. И бегол поглед на сите досегашни голготи, низ кои врви Македонија преку 30 години, тоа јасно го потврдуваат. Кај нас, пак, тој мозаик, којшто  објаснува сѐ, го гледаат само тие што сакаат да го видат.

Македонската власт има други задачи, диктирани од надвор, коишто не кореспондираат со интересите на македонскиот народ. Свесно или не, пораката ни ја пренесе Нано Ружин којшто, отприлика, ни кажа дека народот мора да се жртвува! За посветла иднина, де. Тоа не е негова измислица. Имаше  и забегани религиозни секти, коишто вршеа масовни самоубиства, за да уживаат во задгробниот живот. Се надевам дека Ружин нема да се обиде да даде личен пример.

За нас, Македонците, не треба да биде спорно дека сме колатерална штета на туѓите интереси. Клучно е што тие се реализираат на сосема погрешен начин. Нивните планери немаат поим за реалните балкански состојби, практики, традиции, навики, болни амбиции, претензии, комплекси, агресивност… И, место мир, стабилност и просперитет, сѐ што (ни) прават, апсолутно ќе води само во нови недоразбирања и конфронтации на Балканот. Свесно или не, се отвораат само нови, непотребни извори на долгорочна нестабилност.

Во иднина, клучен балкански проблем ќе бидат – Албанците. Од таа гледна точка, и отцепувањето на Косово може да се смета за сериозна грешка. Со релативно голема сигурност може да се тврди дека, насилно обединетите Албанци (преку бомбардирање на Белград), во секојдневната борба за власт, во трите нивни држави, ќе бидат извор на големи меѓусебни судири. Со решавањето на националното прашање, околу кое до вчера беа феноменално обединети, целосно ќе се загуби нивниот кохезивен фактор. Бескомпромисноста, и личните амбиции на политичарите, ќе дојдат до максимален израз. Веќе подолго време, тоа и се манифестира на политичките сцени во Тирана, Приштина и Скопје.

Со оглед на албанските традиционални карактеристики, никој нема да биде во можност да ги контролира, а апетитите ќе им растат. Најмалку САД, нивниот долгогодишен ментор, сојузник и партнер, којшто го бомбардираше секогаш слободоумниот Белград, заради нивното обединување.

Иако без Македонците, коишто Запад (САД) ги сметаа(т) за јаболко на раздорот или за бурето барут на Балканот, и Македонија ќе стане крајно нестабилна. Процесот на бугаризација, којшто нема теоретски шанси да успее, ќе биде причина за жестоки конфронтации, коишто ќе траат со години. Со сигурност може да се тврди дека ќе се вратат и комитите.

Западот, а пред сѐ САД, си прават бајрам со умот дека, со разнебитувањето на Македонците, и со обединувањето на Албанците, ќе го средат Балканот и ќе можат слободно да господарат. Тие нивни надежи, намери, оценки, планови… беа катастрофално погрешни и доведоа до решенија (Косово, Нивици, Бугарија…) коишто Балканот го враќаат во 19 век.

Повод за овој текст се последните изјави на американскиот претставник за Балканот, Габриел Ескобар, („Вечер“ и „Слободен печат“, од 15 мај 2023), коишто доаѓаат по посетата на премиерот Ковачевски на Вашингтон, и средбата со државниот секретар, Блинкен. Според дипломатската логика и пракса, Ескобар ги прецизира пораките коишто „нашиот“ премиер ги добил таму.

Очигледно, главниот акцент бил ставен на уставните промени. Тоа е сега главен американски приоритет, како што на времето беше прекрстувањето на Македонија. Тоа се двата клучни дела од американското сценарио за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Откако нѐ прекрстија,  главна цел е да се отвори процесот на бугаризација на Македонците, преку промена на Уставот. Затоа, Ескобар, како и нашата колаборационистичка власт, инсистира на што поскоро започнување на преговорите за ЕУ. Тоа е мамката за народот и единствено оправдување за ставање на непостојните  Бугари во нашиот Устав. Друго – нема, и не може да има, што значи дека е чиста измама. Особено, кога се знае дека Македонија нема да влезе во ЕУ за 20, 30… години.

Ескобар, нагласува – „Наша најголема грижа е дека ќе изгубиме време“. Пред 10-тина и повеќе години, кога нѐ присилуваа да се прекрстиме, истото ни го верглаа и неговите претходници. И тогаш, и сега, како папагали повторуваа(т) – Македонија не треба да губи драгоцено време. Им се брза да не збришат како народ. Идеална прилика за тоа им се преговорите со ЕУ.

Ова што сега ни го наметнува Ескобар, за Бугарите во Уставот, коешто е идентично со тоа што другите американци ни го сервираа за името, е апсолутна потврда дека и двете наши погубни операции (промена на името и внесување на Бугарите во Уставот), се исклучително важни елементи токму за САД. Поточно, клучни во реализацијата на нивните планови во Македонија. Ниту тогаш вршеа некаков притисок врз Грција околу името, ниту денес имаат некаква намера да ја опоменат Бугарија дека ова што ни го прави е надвор од умот. Напротив.

Може ли воопшто да биде случајно или неважно, што толку запнале во Вашингтон, ама и во Брисел, измислените Бугари да ги ставиме во Уставот? Мора да има нешто клучно, нели? За џабе, не се крева армија на политичари да те присили на нешто што е маргинално. Барем, тоа не треба да ни биде спорно. Ако сакаме да се соочиме со реалноста.

Поврзани содржини