ПРВО КРАТКИ И ВАЖНИ ИЗМЕНИ, А ПОТОА НОВ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК Министерот Филков најавува итна ревизија на контроверзните измени од 2023 година

Министерството за правда многу брзо на Владата ќе ѝ претстави кратки измени на постоечкиот Кривичен законик, кои се однесуваат на кривичните дела поврзани со борбата против корупцијата. Министерот Игор Филков во интервју за ПЛусинфо објаснува за какви промени станува збор и зошто е неопходно тие да му претходат на донесувањето на новиот Кривичен законик.

1,681

Министерството за правда наскоро пред Владата ќе излезе со „кратко законско решение“ за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година, вели министерот за правда Игор Филков, во интервју за Плусинфо.

Идејата е да се унапредат одредбите за законските битија и да се заостри казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологијата.






Во интгервјуто за Плусинфо, Филков зборува за најавените реформи во правосудството, за очекувањата од Законот за Судскиот совет, за подготвовките на новиот Кривичен законик, за казнената политика, за катастрофалните состојби во затворите, за најавените измени на аболицијата како правен инструмент, како и за проблемите поврзани со т.н. должничко ропство, кои повторно се актуелизираат во последно време,

Најдобро е Груби сам да се врати во Македонија

  • Министре, во едно интервју неодамна им се заблагодаривте на нашите „стратешки партнери“ што ни помагаат во процесите на борбата против корупцијата. Љубопитен сум, каква конкретна поддршка добивте од САД во случајот на Артан Груби, на пример? Добивте ли конкретни докази од Вашингтон за него и за судијата Беџети, откако Стејт департментот двајцата ги стави на црната листа поради наводен поткуп? Амбасадорката Агелер беше децидна дека такви докази постојат…

– Најнапред, би сакал да потврдам дека нашите стратешки партнери, како САД, редовно се вклучени во напорите за справување со корупцијата и за поддршка на правосудниот систем во Република Северна Македонија. Нашата соработка е, всушност. клучна за успехот во овие процеси. И тие обезбедуваат не само политичка, туку и експертска поддршка. Соработката со САД, како и со другите меѓународни партнери, е од огромна важност за продолжување на реформите и за осигурување на транспарентност и отчетност.

Што се однесува до конкретните случаи, како што е тој на Артан Груби или судијата Беџети, Министерството за правда нема никаква улога во водењето на конкретни истраги или за обезбедување на докази кои се однесуваат на поединци, туку тоа се постапки кои се водат од надлежните органи. Сѐ поинаку би било мешање на властите и нарушување на принципот на правната држава. Нашата цел е да создадеме правна основа- сите обвиненија да се разгледуваат согласно со законот, применувајќи ги сите механизми на правната држава, без разлика на позицијата или на функцијата на лицето кое е во прашање.

Но, би сакале и очекуваме, веднаш откако ќе бидат обезбедени сите докази, нашите институции да постапуваат и одлучуваат во транспарентен и ефективен процес.

  • Јавноста нема детални информации за тоа каде се наоѓа и како се снаоѓа во моментов бегалецот Артан Груби. Имате ли каква било комуникација со властите во Албанија и со нашите други „стратешки партнери“ за ова прашање? Постојат ли шанси Груби да се врати или да биде вратен во Македонија?

– Во однос на прашањето за Артан Груби и за неговото присуство, би сакал да нагласам дека Република Северна Македонија и нејзините партнери постојано работат на обезбедување на правдата и на спроведување на законот.

Како што е познато, Груби е ставен на црната листа од Стејт департментот на САД и неговиот случај е разгледуван од страна на надлежните органи.

Треба да се разјасни дека каква било соработка со властите на Албанија или со други наши стратешки партнери се води во рамките на законските прописи и процедурите кои се важни за меѓународните односи.

Она што би сакал да го нагласам е дека во овој момент најбитно е лицето за кое говориме своеволно да се врати во Македонија и да ја докаже својата, како што вели – невиност, за која досега зборува само по социјалните мрежи. Во спротивно, ќе се погрижиме со сите средства кои ни стојат на располагање лицето да биде вратено во државата и спроведено до органите на прогон и судот.

  • Лани во ова време се водеше силна кампања да се донесат измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа. Повеќе правни експерти укажаа дека тоа би било спротивно на Уставот и дека македонскиот правен систем располага со доволно канали, кои овозможуваат органите на кривичниот прогон преку официјалните инструменти на меѓународна правна помош да ги добиваат сите потребни информации и докази со кои располагаат странците за корупција на наши граѓани. Барем според она што можеме да го видиме во оваа измината година, Американците и Британците немаат доставено докази за да ги потврдат спорните „блеклистирања“. Или не е така?

– Постоеле обиди кон крајот на 2023 година да се донесат измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки донесен во декември 2017 година. Притоа, Министерството за правда далo негативно мислење по однос на предложениот текст, бидејќи со истиот се нарушувала суштината на законското решение, а тоа е ефективната и ефикасна борба против тероризмот и финасирањето на тероризам, чија генеза потекнува од Резолуцијата 1267 на ООН, а во однос на тогашната ситуација во Авганистан. Аргументацијата за таквиот став е во укажувањето дека предложеното решение е спротивно на нашиот Устав, на Европската конвенција за човекови права и на принципот на владеење на правото и правната држава, нешто што впрочем и Вие самиот го нагласувате како став на правните експерти. Во правна држава, за предмет да дојде во судска постапка, неопходно е основите на сомневање да се потврдат на ниво на основано сомневање и потоа во обвинителен акт, по кој судот, во јавна и контрадикторна постапка ќе ја утврдува вината на обвинетиот.

Имајќи го предвид изнесеното, а од друга страна вашето прашање дали Американците и Британците немаат доставено докази за да ги потврдат спорните „блеклистирања“, сметам дека е целисходно истото да го поставите до надлежните институции, како Министерствот за внатрешни работи, Обвинителството или Судот.

Да бидам целосно јасен, Министерството за правда не е алка од системот на истрага, гонење или пресудување во однос на утврдување на кривична одговорност. Сепак, важно е да се напомене дека нашата држава останува одговорна за своите закони и за правниот систем и доколку постојат сомнежи или докази за прекршување на законите од страна на нашите државјани или правни субјекти, тие се подложни на судска ревизија и истраги од надлежните органи. Паралелно со тоа, меѓународните партнери можат да обезбедат поддршка преку канали на правна помош, но се гарантира дека сите постапки ќе бидат спроведени со целосно почитување на националните и меѓународните стандарди за праведност.

Министерството за правда ја истакнува својата определба дека останува отворено за соработка со сите надлежни органи и институции во правец на креирање на соодветна правна рамка за борба против корупцијата и криминалот. На став сме дека треба да се користи постојниот Закон за меѓународна соработка во кривична материја, каде е уредена меѓународната правна помош меѓу Република Северна Македонија со други држави, и тоа во однос на доставувањето списи, писмени докази и предмети што се во врска со кривичната постапка во државата молител, доброволното доставување на информација, односно спонтани информации, како и размена на информации и известувања. Со тоа, доколку одредена држава има докази или сознанија за одредени кривични дела за наши државјани, може истите преку каналите на меѓународна соработка во кривична материја да ги достави до надлежните домашни органи и обратно, доколку правосудните органи во Република Северна Македонија имаат сознанија за криминално поведение во странство, можат да побараат информации од странската држава.

Споменатото законско решениего го регулира и признавањето и извршувањето на странски кривични пресуди, од страна на домашните надлежни судови, како и пренос на казнени постапки. Значи, во нашиот правен систем веќе постојат механизми за меѓународна соработка во кривична материја кои целосно кореспондираат со релевантните меѓународни стандарди, а за нивната употреба надлежни се обвинителството и судството.

Токму затоа, огромни се очекувањата на Владата, но и на целокупната јавност, Обвинителството и судството да ја докажат и покажат својата стручност, професионалност и независност во гонењето и утврдувањето на одговорноста на лицата кои се бават со корупција и криминал, без оглед дали е тоа во национални или во меѓународни рамки.

Како да се обезбеди одговорно судство, а тоа да не биде сфатено како „политичка контрола“?

  • Голема јавна дебата, често со спротивставени погледи, се води и за очекуваната реформа на Судскиот совет. Мојот впечаток е дека се вложи огромна енергија од меѓународни и домашни фактори, за да се обезбеди несменливост на членовите на ова тело, под изговор дека промените во ова тело би довеле до политичка контрола врз судството. Судскиот совет и до сега беше заштитен како мечка, со концептот на некаква лажна независност и несменливост, а сепак се претвори во епицентар од кој се шири недовербата кон судската власт во Македонија. Како да се реши оваа контрадикција во праксата?

– Точно е дека Судскиот совет беше и сѐ уште е предмет на јавни дебати и контроверзии, кои се одраз на потребата за реформи во оваа сфера. Наша цел како држава е да обезбедиме силно, независно и функционално судство, кое не само што ќе биде независно, туку и отчетно пред граѓаните. Проблемите кои ги споменувате во однос на функционирањето на Судскиот совет и неговата улога во недовербата кон судската власт се нешто што не може да се игнорира, и тие сигурно се дел од приоритетите за реформите што ги планираме.

Дебатата за несменливоста и независноста на членовите на Судскиот совет е комплекснa. Oд една страна, независноста на судиите и членовите на Советот е клучна за спречување на политички влијанија врз правосудството. Но, од друга страна, не смееме да ја игнорираме потребата од подобрување на транспарентноста и отчетноста на овие тела. Иако постои загриженост дека промените на Судскиот совет може да доведат до ,,политичка“ контрола врз судството, тоа не значи дека не постојат механизми за баланс на оваа независност со јавната одговорност.

Не би се сложил со вас дека дебатата е честопати со „спротивставени погледи“. Напротив, јавните дебати одржани со судиите од сите четирите апелациони подрачја, од управното судство и секако судиите од највисокиот, Врховниот суд, укажаа на прилично единствени ставови дека е неопходна зголемена стручност и професионалност на членовите на Судскиот совет, како и транспарентност и ефективност во постапката за нивен избор, како и јасни основи за нивна одговорност, притоа обезбедувајќи соодветни и ефективни механизми за нивно одговорно и ефикасно функционирање. Секако, притоа, задржувајќи го принципот на независност на судството, неопходно е да се воведат процеси кои ќе овозможат контрола врз квалитетот на работата на судиите и членовите на Советот, што ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Реформите што ги разгледуваме се насочени на тоа да создадат рамнотежа меѓу овие аспекти – независност и отчетност. Клучно е обезбедувањето на статусот дека Судскиот совет е орган кој ќе го штити интегритетот на судиите, но истовремено и самиот тој да подлежи на механизмите на отчетност и транспарентност, што е клучно за врашање на довербата на јавноста.

Очекувам измените и дополнувањата на Законот за Судски совет да бидат донесени најдоцна до јуни 2025 година и во него ќе бидат инкорпорирани препораките на Оценската мисија.

  • Сите лесно ќе се согласиме со оценката што ја изрековте во една прилика, дека „кога станува збор за избор на судии, мора да се обезбеди дека тие се избрани врз основа на стручност, интегритет и независност“. Но, досегашната пракса покажа дека институциите конкурс или генерален реизбор по пат на конкурс, на пример, не обезбедуваат стручност, интегритет и независност – ни во Судскиот совет, ни во судовите, ни во Академијата за судии и обвинители, практично никаде. Со ништо не може да се истисне политичкиот супстрат од одлучувањето во демократските институции. Без него, нема политичка одговорност за состојбите. Како воопшто очекуваме некој да ја преземе политичката одговорноста за катастрофалните состојби во правосудството и да спроведе реформи, ако му се ускратуваат алатките за одлучување?

– Се согласувам дека елементарниот принцип на стручност, интегритет и независност во изборот на судиите е од суштинско значење, но, како што забележувате, досегашната пракса понекогаш не ги гарантира овие квалитети. Иако конкурсите и генералните реизбори се механизми што треба да обезбедат транспарентност и фер услови за избор, факт е дека нивната имплементација не секогаш довела до очекуваните резултати. Не можеме да ги игнорираме и проблемите со политичките влијанија во овие процеси, кои се фактори што го компромитираат кредибилитетот на судската власт.

Но, не сметам дека ова значи дека сме без шанса за позитивни промени. Клучниот аспект што го поставувате е потребата за одговорност. Реформите на правосудниот систем мора да бидат континуиран и системски процес кој нема да биде лесен, но во исто време, политичката одговорност и ангажман на сите чинители – како власта, така и опозицијата, но и граѓанското општество – се клучни за успехот на овие реформи. На крајот, одговорноста за состојбите во правосудството лежи и на самите институции кои треба да работат во рамките на правниот поредок.

Решението лежи во обезбедување механизми кои ќе ја минимизираат политичката злоупотреба на институциите, додека ќе овозможат одговорност и во исто време ќе ги заштитат независноста и интегритетот на судиите и судската власт. За тоа треба да се интензивираат реформите во изборот на судиите и членовите на Судскиот совет, да се обезбедат построги критериуми за нивната стручност и интегритет, но и да се изгради доверба во институциите со транспарентност, отчетност и јасни процеси на ревизија.

Филков: Потребно е заедничко дејствување на сите чинители во реформите во правосудството

 

Реформите не значат само промена на закони, туку и промена на културата на институциите. Затоа, тие бараат политичка храброст и политичка волја да се преземат ризиците, а истовремено и да се обезбедат средства и механизми за самите институции да работат со високи стандарди на независност и одговорност. Во овие процеси, не смееме да се задржиме само на вперувањето на прст кон еден или друг носител на власт, како виновник за наталожените проблеми. Напротив, треба да се има доблест и зрелост, за да се признае дека со одредени одлуки сме потфрлиле во исполнување на целта за која служиме. Потребно е заедничко дејствување на сите чинители во реформите во правосудството, без разлика на тоа дали станува збор за суд за Судскиот совет, за Советот на јавни обвинители, на Собранието или за Министерството за правда. Бидејќи, само на тој начин може да дојдеме до реформи кои ќе резултираат со успеси и придобивки за сите нас.
Но, сосем на крајот би сакал да укажам на тоа дека ваквата заложба не можеме да ја постигнеме ние самите како извршна власт. Тука е клучна улогата на секој судија, јавен обвинител, член на Судскиот совет и член на Советот на Јавните обвинители, клучни се нивниот дигнитет и професионалност.

Новиот Кривичен законик треба да биде усогласен со европските политики во борбата со организираниот криминал и корупцијата

  • Дали во 2025 година Македонија конечно ќе добие нов Кривичен законик? Какви новини би можеле да очекуваме во овој правен акт?

– Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23.

Новиот Кривичен законик треба да биде усогласен со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупцијата. Целото наше законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции, за што неопходно е обезбедување на позитивно мислење од Европската комисија.

Што се однесува до новините кои би можеле да се очекуваат во Кривичниот законик, тоа ќе бидат промени кои ќе ги модернизираат и унапредат постоечките процедури, како и појаснување и детално регулирање на одредени кривични дела. Едно од клучните прашања е унапредување на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, што е во согласност со напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Дополнително, има нови кривични дела кои се однесуваат на финансиските кривични дела, вклучувајќи пракса на конфискација на имот стекнат со кривични дела, што ќе придонесе за поголема ефективност на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Исто така, треба да се нагласи дека новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица.

  • Во светлината на некои актуелни судски процеси, може да се очекува јавноста да ги зголеми очекувањата Кривичниот законик да предвиди поостри казни. Не би ме изненадило да се појави и иницијатива за воведување смртна казна, иако таа е забранета со Уставот. Каков е вашиот став во однос на прашањето на казнената политика?

– Во однос на казнената политика, мојот став е дека таа мора да биде насочена кон ефективност, правичност и човечко достоинство, во согласност со Уставот на Македонија и со меѓународните стандарди. Ова значи дека санкциите треба да бидат пропорционални на тежината на кривичното дело и на последиците што тие ги имаат на поединците и општеството. Во овој контекст, не постои простор за повторно разгледување на смртната казна, бидејќи таа е експлицитно забранета со Уставот на Република Северна Македонија уште од 1991 година, како и со Европската конвенција за човекови права, чии членки сме од 1997 година.

Одговорноста на правосудните органи и законодавците е да работат на развивање на казнени санкции кои ќе бидат доволно ефективни да го спречат криминалот и да го заштитат јавниот интерес, но истовремено да бидат во согласност со основните принципи на правото, како што се правичноста, еднаквоста и правото на живот.

Во случај на сериозни кривични дела, како што се организиран криминал и корупција, неоспорно е дека казните мора да бидат соодветни и да имаат одвраќачки ефект. Но, исто така, треба да се внимава на тоа дека секоја санкција треба да има за цел реинтеграција на осудените лица во општеството, што е дел од пошироката стратегија за намалување на рецидивизмот и изградба на праведно општество.

Штетите од измените на Кривичниот законик во 2023 година мора да се поправат

  • Една од поголемите контроверзи поврзани со Кривичниот законик е дефиницијата на кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластувања. Според сегашниот опис, битието на ова дело не може да се исполни без т.н. бланкетна диспозиција, односно без повикување на друга норма која обвинетиот неспорно би ја повредил. Сегашната дефиниција на ова кривично дело е објективна основа тоа често да се користи и за политички прогон на обвинетите. Постои ли одржливо и модерно решение за ова прашање?

– Дефиницијата на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ е од суштинско значење за функционирањето на правосудниот систем, но, исто така, и за борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните функции. Согласен сум дека сегашниот опис на ова кривично дело може да создаде прашања во однос на примената, особено кога станува збор за неговата широкоприменливост и потенцијалot за злоупотреба во контекст на политички мотивирани постапки.

Она што е клучно е да се обезбеди јасна и прецизна дефиниција, која не само што ќе ја одреди злоупотребата на службената положба, туку и ќе ги минимизира ризиците за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели. Токму затоа, важно е да се направи разграничување помеѓу реалните кривични дела и нормите кои се користат за да се изврши недозволен притисок врз поединци.

Како решение за ова прашање, Министерството за правда работи на кратко законско решение за измени во Кривичниот законик, со коi треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година. Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија. Но за тоа многу скоро ке се излезе со целосно оформено законско решение пред Владата на РСМ.

Затворскиот систем мора темелно да се реформира

  • Има една максима која вели – сликата во затворите е слика на состојбите во едно општество. Судејќи според сликата во затворите, ние живееме во едно нецивилизирано и тажно општество. Како да се подобри состојбата во македонските затвори, која е катастрофална во секој поглед. Можеме ли да очекуваме во скоро време во Македонија да почне да се гради нов затвор, според високите меѓународни стандарди?

– За жал, треба да признаеме дека затворскиот систем во Македонија има сериозни проблеми кои треба да се решаваат во најкраток можен рок. Проблемите се многубројни: пренатрупаност, недоволна инфраструктура, лоши услови за живеење, како и недостаток на адекватни програми за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.

Реално гледано, без значајни инвестиции и структурни промени, не можеме да очекуваме значителни подобрувања. За тоа се потребни и инвестиции во инфраструктура, нови затворски објекти кои ќе ги исполнуваат современите меѓународни стандарди за човечки права и безбедност. Работиме на обезбедување на финансирање и проектни решенија за изградба на нови објекти, кои ќе бидат дизајнирани да се справат со пренатрупаноста и да обезбедат услови за човечко живеење, кои ќе го почитуваат достоинството на секој затвореник.

Исто така, треба да се напомене дека, покрај новата инфраструктура, треба да се работи и на подобрување на системите за ресоцијализација, кои ќе им помогнат на осудените лица да се реинтегрираат во општеството по издржувањето на казната. Затворите не треба да бидат само места за казнување, туку и места каде што осудените лица имаат можност за поправање и за враќање во општеството како продуктивни и одговорни граѓани.

Сметам дека за да го подобриме системот, мора да се спроведат и реформски промени кои ќе ги адресираат сите аспекти на затворскиот живот – од условите за престој до едукацијата, терапијата и обуките за осудени лица, како и надзорот над извршувањето на казните. Мора да се работи на долгорочни решенија, бидејќи затворскиот систем треба многу да се подобрува, но ние сме посветени на овој процес и работиме на обезбедување на квалитетни и хумани услови за сите.

  • Многу луѓе не знаат дека бројот на осудени лица на затворски казни е многу поголем од сегашната затворска популација. Во моментов, во македонските затвори има 2.400 затвореници и уште толку чекаат да влезат зад решетки. Едноставно, се чека ред за затворска ќелија. А еден затвореник државата годишно ја чини 10.000 евра. Една храбра и одговорна власт, според моето мислење, би подготвила една масовна амнестија, заради подрастично намалување на затворската популација, меѓу која доминираат затвореници со релативно ниски затворски казни. Размислувате ли за едно такво решение?

– Ја разбирам загриженоста во врска со пренатрупаноста во затворите и високите трошоци што државата ги носи за издржување на затворениците. Тоа е сериозен проблем кој е долгогодишен и кој бара комплексни и внимателно изработени решенија. Се разгледуваат различни опции за намалување на затворската популација.

Амнестијата, како форма на помилување, има свои ризици и предности. Во процесот на амнестија мора да се разгледа кој тип на осудени лица може да биде погоден за оваа мерка — на пример, оние со помалку сериозни кривични дела или оние кои веќе покажале желба за ресоцијализација.

Покрај тоа, важно е да се имаат предвид и општите меѓународни стандарди и правата на жртвите, кои треба да бидат адекватно заштитени.

Во овој момент не се размислува за како што велите ,,масовна” амнестија.

Во исто време, и за да се спречи повторно пренатрупување на затворите во иднина, мора да се развиваат алтернативни санкции, како што се домашен притвор, мониторирање, условни казни, и програми за ресоцијализација. Овие алтернативи се повеќе ефективни и поевтини од традиционалните затворски казни, а истовремено можат да бидат и поддршка за поединците кои се способни за реинтеграција.

Ние сме свесни за проблемите со затворските установи и постојано работиме на реформи кои ќе ги подобрат условите и ќе ја осигурат ефективноста на казнената политика во Македонија.

Потребна е борба против стереотипот дека алтернативните казнени мерки се „премеки“

  • Македонската казнена регулатива и сега овозможува изрекување алтернативни казнени мерки, кои, за жал, не се применуваат во доволна мера. За разлика од кај нас, во некои европски земји, па и во земји од соседството, со алтернативните мерки значајно се намалува притисокот врз затворите. Зошто има отпор кај нас кон овие мерки?

– Алтернативните казнени мерки, како што се условните казни, домашниот притвор, надзорот и други форми на санкционирање, се важен инструмент во современите правосудни системи за намалување на пренатрупаноста во затворите и обезбедување на поефикасна и праведна казнена политика. Иако нашата казнена регулатива веќе ги дозволува овие мерки, нивната примена во Македонија, за жал, не е во доволна мера.

Една од главните причини за ова е недостатокот на доверба во ефикасноста на овие мерки и во способноста на државата да ги следи и контролира осудените лица. Во некои случаи, постои стереотип дека алтернативните казни може да бидат „премеки“ или дека можат да се злоупотребат, особено во случаи на сериозни кривични дела.

Ова доведува до скептицизам меѓу правосудните органи, кои, на некој начин, сметаат дека затворот е единственото сигурно решение за санкционирање на осудените лица.
Друг фактор за отпорот е и традиционалниот пристап во правосудството, кој се базира на строго казнување преку затворски казни. Ова е особено изразено во општото мислење на јавноста, која често смета дека казните треба да бидат изречени на начин што ќе ги одврати потенцијалните престапници и ќе ги задоволи правдата и сигурноста во општеството. Тоа може да создаде отпор и на политички и на институционален план кон реформирање на казнената политика.

Меѓутоа, искуствата од европските земји и соседството покажуваат дека алтернативните казни не само што го намалуваат притисокот врз затворите, туку исто така можат да бидат поефективни во ресоцијализацијата на осудените лица. Овие мерки дозволуваат поголема флексибилност во казнувањето, така што се осигурува дека лицата кои не претставуваат опасност за општеството ќе имаат можност за интеграција и поправка, наместо да се изложуваат на понатамошни негативни ефекти на затворскиот живот.

Во Македонија, треба да работиме на зголемување на довербата во овие мерки и да развиваме системи кои ќе овозможат ефикасна контрола и надзор на лицата на кои им се изречени алтернативни казни. Клучно е да се создаде правен и институционален амбиент, кој ќе овозможи безбедно и ефективно користење на овие мерки, преку развивање на капацитети за мониторинг и поддршка.

За да се намали отпорот, треба да се работи и на едукација на судиите, на правниците и на јавноста за придобивките од алтернативните казни, како и на развој на механизми кои ќе обезбедат сигурност и контрола над извршувањето на овие мерки.

Бараме баланс помеѓу правото на помилување како институција и потребата за одговорност и отчетност во процесот

  • По вашата декемвриска средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, се најави и изработка на нов закон за помилување. Мене ме плаши идејата на поранешниот претседател Стево Пендаровски, кој инсистираше на тоа на шефот на државата да му се одземе правото самостојно да одлучува за аболицијата. Бидејќи, ако правото на претседателот да аболира во која било фаза од кривичниот прогон се ограничи со некаква посебна процедура и се услови со одлуки на други институции (парламент, комисии, суд итн), тогаш аболицијата како правен институт губи смисла и се изедначува со амнестијата. Каква е идејата на Сиљановска Давкова?

– Зборувате за едно многу важно прашање, кое се однесува на правото на аболиција и неговото регулирање во нашето правосудство. За идеите на pретседателката Сиљановска Давкова ќе мора да разговарате лично. Она што можам да го кажам во моментов е дека имаме одлична соработка и комуникација со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, при што како неопходност се констатираше потребата од зголемување на транспарентноста и одговорноста во процесот на донесување на одлуките за помилување.

Како што знаете, правото на помилување е значаен инструмент што го има шефот на државата, но постојат законски и практични предизвици во неговата примена. Претходните случаи на аболиција во Македонија, особено оние кои се случиле во контроверзни околности, поттикнаа дебата за тоа како да се осигури дека ова право нема да се злоупотреби и дека ќе се користи на праведни и транспарентни начини.

Се согласувам дека правото на аболиција не треба да биде механички ограничено, но, истовремено, мора да се обезбеди дека донесувањето на вакви одлуки ќе биде објективно, базирано на правни критериуми, а не на политички или лични интереси. Така што, не станува збор за потполно укинување на правото на претседателот да помилува, туку за изнаоѓање на механизми кои ќе го направат процесот поодговорен и поцелосно регулиран. Тимот на правници, судии и експерти работат на тоа како да се дефинираат јасни и објективни критериуми за користењето на ова право, и како да се обезбеди дека ќе има и контрола и одговорност за одлуките кои се носат. На тој начин, ќе се постигне баланс помеѓу правото на помилување како институција и потребата за одговорност и отчетност во процесот.

Немам сомнеж дека многу скоро ќе предложиме модел кој ќе ја заштити правичноста и ќе биде усогласен со принципите на правото, а истовремено ќе ја почитува и самостојноста на претседателот во донесувањето на одлуките за помилување.

Застарувањето на побарувањата е една од темите кои бараат внимателен пристап

  • За крај, едно прашање кои сериозно ги засега граѓаните за кои една група невладини здруженија тврдат дека живеат во „должничко ропство“, поради незастарувањето на побарувањата. Овие здруженија тврдат дека адвокатски здруженија, извршители, судии и банки се „во спрега“ и предлагаат промени во Законот за облигациони односи. Според граѓанските здруженија, поради долгови од застарени побарувања во земјава се блокирани над 200.000 сметки, а има и побарувања кои се наплаќале и десет пати повеќе од главницата. Ако се точни овие податоци, ова не е проблем за потценување. Ги разгледува ли Министерството за правда овие иницијативи има ли став за ова болно прашање?

– За да биде појасно за сите, мора да се обидеме да ги објасниме процесите кои ги коментираме. Најнапред, за фактот дека никој не мора да биде должник, ниту пак да биде предмет на присилно извршување. Граѓанската уредност и почитувањето на финансиската легислатива се основа за фукционирање на правната држава. Секој е должен ги почитува судските или нотарските одлуки и навремено ги плаќа своите финансиски обврски, со што целосно се елиминира можноста да биде предмет на присилно извршување.

Притоа, мора да се има предвид фактот дека концептот на заштита на должниците не го води општеството ниту економијата на една држава напред, како и тоа дека зад секој должник стои доверител, кој очекува реализација и наплата на правата утврдени со правосилни одлуки.
Зaшто, како што велите, тоа што„200.000 сметки се блокирани“ не е проблем на Законот за извршување, ниту на Законот за облигациони односи, туку на други состојби за кои што ние како одговорна влада ќе работиме да изнајдеме решенија. А треба и да се проверат бројките на блокираните сметки, како и нивните сопственици. Секако, сето ова бара време и меѓуинституционална соработка.

Станува збор за прашање кое ја засега јавноста и која беше изманипулирана со избрзаните законски измени на Законот за извршување и Законот за облигациони односи, кои беа укинати од Уставниот суд во 2024 година. Министерството за правда будно и континуирано го следи целиот овој процес и смета дека не треба да се подлегнува на притисокот од наводните „невладини здруженија“, кои се залагаат за ослободување од таканареченото должничко ропство. Секое законско решение мора да се темели на експертски анализи, при што ќе се води сметка не само за правата на должниците, туку пред сe за правата на доверителите.

Се согласувам дека ова е сериозен проблем и дека е потребно да се најдат решенија кои ќе обезбедат балансиран пристап во однос на правата на граѓаните, но исто така и заштита на интересите на кредиторите. Проблемот со долговите и блокираните сметки има големо влијание врз секојдневниот живот на голем број граѓани и како Министерство за правда, ние сме свесни за сериозноста на ситуацијата.

Застарувањето на побарувањата е една од темите кои бараат внимателен пристап. Постојат предлози од различни граѓански организации, кои ја потенцираат потребата за промени во Законот за облигациони односи, со цел да се ограничат злоупотребите кои можат да доведат до прекумерна наплата или непотребно блокирање на сметките. Сигурно е дека правото на заштита на имотот и добрите практики во судската и извршната постапка мора да бидат почитувани. Но, исто така, мора да се осигуриме дека не се дозволуваат злоупотреби од страна на било кој од актерите во овие процеси — адвокати, извршители, судии и банки.

Ние сме отворени за конструктивни предлози и соработката со сите заинтересирани страни, со цел да се изнајде решение кое ќе ги штити правата на граѓаните, но исто така ќе ги гарантира и потребите на правниот и економскиот систем во целина.

Поврзани содржини