Прва доза во „Борис Трајковски“, а втора – кајшто ќе ни пишат!
Вакциналните пунктови ќе работат толку колку што ќе биде потребно за спроведување на процесот на имунизација, велат за Плусинфо од Министерството за здравство.
Граѓаните коишто деновиве ја примаат првата доза од вакцината против ковид-19 во најголемиот вакцинален пункт „Борис Трајковски“ во Скопје, добиваат информација од здравствените работници дека втората доза ќе ја примат во некоја од скопските поликлиники, оти, како што им велат, овој пункт ќе ги затвори вратите на 2 август.
Единствената информација која ја добиваат граѓаните од здравствените лица ангажирани во овој вакцинален пункт е дека неколку дена пред терминот за ревакцинација ќе добијат известување во која точно од скопските полиники, каде што се врши имунизација, треба да се пријават за да ја примат втората доза.
– Пред неколку дена бев вакцинирана со прва доза од вакцината „Фајзер“ во СРЦ „Борис Трајковски“ и по добивањето на терминот за ревакцина ги запрашав здравствените лица дали и за втората доза треба да дојдам тука, но тие ми одговорија дека овој вакцинален пункт ќе биде затворен од 2 август и дека преку СМС порака ќе бидам информирана каде да се пријавам и дека тоа ќе биде во некоја од поликлиниките во близина на моето место на живеење. Ги запрашав зошто повторно да не дојдам тука, тие само ги кренаа рамениците – ни изјави скопјанката Елена.
Таа, како и многумина други кои претходната недела се имунизираа во А1 Арената, изненадена е од ваквата одлука, но се надева дека сè ќе помине во најдобар ред кога ќе треба да ја прими втората доза од вакцината против коронавирусот.
Запрашавме во Министерството за здравство дали е точна информацијата дека вакциналниот пункт „Борис Трајковски“ ќе биде затворен на 2 август и која е причината за ваквиот чекор, но оттаму не добивме конкретен одговор.
– Вакциналните пунктови ќе работат толку колку што ќе биде потребно за спроведување на процесот на имунизација – велат за Плусинфо од Министерството за здравство.
Од Министерството додаваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, во салите се одвива ревакцинација, додека во здравствените домови ширум земјата се одвива вакцинација без закажан термин.
– Во тек е и теренската вакцинација која има за цел да им го олесни пристапот на жителите од руралните средини и тешко достапни места како би имале можност да бидат вакцинирани, бидејќи тоа е единствениот начин како да се справиме со евентуално новиот бран кој би се појавил наесен – нè информираа од Здравство.
На прашањето кога може да се очекуваат нови пратки на вакцини, оттаму ни одговорија дека навремено ќе ја информираат јавноста кога ќе пристигнат следни количини на вакцини.
Вакцините против ковид-19 ја намалуваат појавата на компликации и смртен исход од болеста, напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил.
„За да се постигне целта на вакцинацијата неопходно е да се вакцинираат што поголем број граѓани. Вакцини имаме доволно, а процесот на имунизација функционира одлично, за релативно краток период вакцинирани се голем број граѓани изложени на поголем ризик на компликации од болеста“, напиша министерот.
Филипче информира дека 58 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, додека 55 отсто од населението над 65 години има примено барем една доза вакцина, 50 отсто од населението над 60 години има примено барем една доза вакцина и 40 отсто од населението над 50 години имаат примено барем една доза вакцина.