ПРОВОКАЦИЈА ОД БУГАРСКИ ИСТОРИЧАР Според Павлов, УКИМ го основала Бугарија 6 години пред официјалниот датум
Бугарскиот историчар Пламен Павлов тврди дека корените на скопскиот универзитет водат до 1943 година, додека официјалната историја на УКИМ го бележи 24 април 1949 година како датум на неговото основање.
Бугарскиот историчар Пламен Павлов тврди дека универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје не е основан во 1949 година, туку шест години претходно од Бугарија!
– Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ не е создаден во текот на 1948 и 1949 година, како што упорно се тврди во Република Северна Македонија, туку во 1943 година од „бугарскиот фашистички окупатор“, како што велат тие. Бугарија вложи многу напори за културата, образованието и инфраструктурата на денешната територија на Северна Македонија, а дел од тоа е и основањето на универзитетот – изјави Павлов за бугарскиот портал „Актуално“, прашувајќи зошто на фасадата на УКИМ не пишувало дека е основан во 1943 година.
УКИМ е најголемиот универзитет на македонски јазик, основан на 24 април 1949 година со три факултети, а денес претставува заедница на 23 факултети, 9 научни институти (5 составни и 4 кои соработуваат со универзитетот) и 8 други институции.