Протоколот и преговарачката рамка уставно паѓаат
Најавувам поднесување Уставна иницијатива за поништување на вториот протокол на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, како и на Актот изгласан од страна на македонското Собрание за одобрување на преговарачката рамка на 81-та седница, под наслов: Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Доста ни е од оваа пинџуријада. Вака скроената преговарачка рамка е јамка низ која Македонија не може да се протне. Во неа е вградена сета двовековна соседска негаторска политика за македонскиот идентитет, јазик и автентичен културно-историски развој на македонскиот народ и нација. А европските политичари, чест на исклучоци, немаат време за нашето македонско прашање, ама имаат ем време, ем разбирање, за секакви антицивилизациски резолуции и амандмани. Но, ова се состојбите, треба да се решат.
На правната неусогласеност на редица документи, на кои се повикува преговарачката рамка за Македонија, укажав уште во колумната во Плусинфо на 24 август 2022, под наслов „Протоколот е правно ништовен и не смее да наметнува штетни дејствија“. Ќе си дозволам цитирање, зашто е прецизно формулирано. Предлагав редица дипломатски и правни потези, кои важат и сега:
„Во овој момент, интерес на Македонија, на Македонците и сите македонски граѓани, е да се дигне рачна во односите со Бугарија. Да се отвори дебата во општеството, во институциите, секако во Собранието, за следните можни чекори: писмено известување и објаснување до Бугарија за потребата од формално поништување на Протоколот; најава за можен прекин на Договорот, поради неисполнување на важни развојни одредби од заемен интерес и прекршување на редица членови; барање за итен прекин на прекршувањата на Договорот со непријателски дејствија преку бугарските клубови, изјави и дејствување на највисоки бугарски функционери; барање за дигање на ветото за почеток на нормални преговори на Македонија без непринципиелни уцени.
Досега не се преземени вакви чекори, веројатно во надеж дека Бугарија ќе се врати на пристојна комуникација по серијата избори и нестабилни Влади, а ЕУ ќе помогне со медијација за вистинско започнување и завршување на нашите преговори. Но, не гледам прифаќање на нашите аргументи и подадена рака за паметно надминување на политичкава блокада што ја понуди македонската Влада и Претседателката.
Најавувам поднесување Уставна иницијатива за поништување на вториот протокол на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, како и на Актот изгласан од страна на македонското Собрание за одобрување на преговарачката рамка на 81-та седница, под наслов: Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Вториот протокол на Договорот за добрососедство со Бугарија не е валиден по повеќе основи: не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување; не е ратификуван во македонското Собрание, како што налага нашата легислатива; не е објавен во „Службен весник“ во уставен рок.
Преговарачката рамка, пак, има многу дефекти кои мазно си ги вклопи и изгласа Европскиот совет и таа не подлежи на нашиот Уставен суд, се разбира. Но, подлежи Актот што е изгласан од страна на македонското Собрание за одобрување на преговарачката рамка, па тој акт ќе го оспорам пред Уставниот суд поради најмалку две причини: се повикува на правно ништовен документ, каков што е Протоколот; собраниското гласање на овој акт се случи на 16 јули, еден ден ПРЕД потпишувањето на Протоколот на кој се повикува, на 17 јули 2022. Протоколот НЕ МОЖЕ ни правно, ни логички да биде дел од тој пакет, кој се усвоил и во ЕУ и кај нас, пред тој да биде потпишан и објавен во „Службен весник“!
Дозволете ми да потсетам на дел од аргументацијата околу ништовноста на Протоколот:
„Изнасиленото и ‘нормирано’ заедничко одбележување историски личности се повикува на Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 17 јули 2022, со кој историската комисија била ‘задолжена’ во рок од еден месец да ги објави заклучоците за пет историски личности. Овие заклучоци, пак, биле претходно усвоени со Протоколот од Првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан уште на 10 јуни 2019. Споредбено, првиот протокол е повеќе записник од состанок, за разлика од вториот протокол, кој е обемен диктат на бугарски барања до Македонија, со зачудувачки ‘креативни’ решенија. (Човек да остане вџашен, колку ли фрустрации и омраза треба некој да има, за да смисли такви начини за повреда и понижување на комшијата…) Поради форматот и контекстот на овој документ, ќе се фокусирам на него и ќе го подразбирам како Протоколот.
Протоколот се повикува на членот 12 од Договорот за пријателство помеѓу двете земји од 2017. И двата документа се наведени во заклучоците од Советот на ЕУ, преговарачката рамка и документите за почеток и за крај на македонското отворање на преговорите. Не е лесно да се објасни заемната поврзаност и меѓузависност на сите овие документи, зашто се прилично несинхронизирани и неконзистентни. Треба да ги анализираме еден по еден, за да знаеме како да ги насочиме идните битки: што е важечки документ, што е ништовен документ, што можеме да оспориме и што мораме да корегираме, независно од формално-правната валидност. Се мислеше дека корекциите ќе се прават од позиција на членка на ЕУ, но, очигледно комшииве нема да дозволат да влеземе, па ќе мора да се почне со оспорувања и корекции веднаш, без одложување. Немаме што да изгубиме, зашто ваквата рамка е јамка и невозможно е низ неа да се помине за влез во ЕУ.
Во меѓународната политика, за да биде еден билатерален договор важечки, тој мора да се ратификува во парламентите на двете земји. А за да може тој договор да се операционализира, двете земји треба да усогласат протокол за негово спроведување, со дефинирање опфат, методи, алатки и евентуално, времетраење на активностите. Вака усогласениот протокол мора повторно да помине ратификација во двата парламента, преку носење на т.н. Закон за ратификација на протоколот од договорот. Истово важи и за мултилатерални договори. Оваа процедура ја применува и Македонија, во склад со Виенската конвенција (1969) како генерална рамка за меѓународното право и со македонската легислатива: Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998), Законот за надворешни работи (2015) и Деловникот на Собранието.
Во македонското Собрание се ратификувале стотици договори и протоколи на меѓународни договори во различни области – трговија, транспорт, култура, образование, клима, насилство врз жените, визен режим, односи со други земји и сојузи итн. Договорот за пријателство со Бугарија е ратификуван во 2017, но НЕ и Протоколот. Тој се преговараше и чуваше во длабока тајност, небаре е приватна зделка, се до потпишувањето на 17 јули 2022 година, еден ден по собраниското гласање за францускиот предлог за почеток на преговори со Македонија на 16 јули. (Протоколот НЕ МОЖЕ ни правно, ни логички да биде дел од тој пакет, кој се усвоил и во ЕУ и кај нас, пред тој да биде потпишан!)
Со оглед на тајноста, интересно е како и колку е испочитувана законската процедура од Законот за меѓународни договори, за дефинирање основа за преговори со црвени линии одобрени од Влада, за известување на Владата за отстапувањата од зададеното, кои очигледно биле големи, се до одобрение за нова преговарачка позиција… Дали преговарачите имале формално владино овластување, како им се случило ниедно наше суштинско барање да не биде прифатено од ЕУ, а сите и најлуди барања на Бугарија да поминат… Зошто не побарале помош од јавноста, зошто се изолирале и со тоа си ја слабееле својата, но и нашата заедничка позиција како Македонија? Не е целта барање виновници, никому не му било лесно, претпоставувам. Но целта е да извлечеме поуки, да се обединиме околу одбраната на државата и да си помогнеме.
Дефинитивно, Протоколот ја нема поминато легалната парламентарна процедура за ратификација преку разгледување на Комисија за надворешни работи и на пленарна седница. Протоколот НЕ Е ПОЛНОПРАВЕН АКТ потврден од парламентот, туку останува само ЗАПИСНИК од состанокот на меѓувладината комисија! Протоколот е правно ништовен и не смее да наметнува штетни дејствија како, на пример, препораките од историската комисија со бугаризирана историја, контрола на нашето образование, печатење учебници, менување натписи на споменици и ред други непристојни работи, диктирани од бугарската великодржавна политика.
Да бидеме на јасно, постојат протоколи кои ги потпишуваат државни органи и кои не подлежат на ратификација, но тие содржат само технички и оперативни податоци и не засегаат во политичкиот и идентитетскиот концепт на државата. Тоа не е случај со овој ТОКСИЧЕН ПРОТОКОЛ, кој и задава на Бугарија едвај 2 безопасни, а на Македонија дури 17 обврски, крајно непринципиелни и понижувачки, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет. Со ваквиот протокол органите на управата самите си преземаат нови обврски за државата, спротивно на законот.
Ова би требало да го знаат преговарачите од Министерството за надворешни работи и од Владата. Дали е превид, дали е незнаење и наивност, или свесно се избегнала ратификацијата за да не се крене јавноста, не е ни најважно во моментов. Важно е ова да се каже и да се обзнани, за да се утврди официјално ништавноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, НОРМАЛЕН ПРОТОКОЛ за спроведување на Договорот за пријателство. Тој мора да води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Еден ден, кога ќе тивнат сан-стефанските труби и зовриените страсти.
Дотогаш, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, се дури некоја Влада не го видоизмени или раскине, сходно на членот 13, точки 2 и 3 од самиот Договор, со договарање или известување на другата страна“.
Уважувањето на аргументите од страна на Уставниот суд за Уставната иницијатива за независните листи, што ја поднесов заедно со претставници на тие листи, ми дава надеж дека и оваа уставна иницијатива ќе ја разгледа и оцени со должно внимание. Посакувам да си олесниме како држава, а и процесот на евроинтеграција да го поставиме на нормален колосек. Еве, нека биде ова уште една брза пруга, која нема да заврши во тунел.