Против корупцијата со фудбалска топка

Прашање е колкав е процентот во Македонија, за разлика од оној 1 процент граѓани во Шведска кои биле замолени лани да платат извесен поткуп? Нема никакво сомневање дека е поразително висок. Она што како совет ќе го слушнете од кој било македонски граѓанин, обично звучи вака: „Ќе дадеш нешто, за побрзо да завршиш работа“.

428

Можеби нема ништо неморално и неетички, како што вели Артан Груби, во тоа што со неговите колеги од ДУИ практикуваат спортска рекреација во министерски кабинети, но прашање е дали една таква промоција на „здрави“ министерски навики воопшто може да привлече некакви симаптии во општество чии темели се длабоко поткопани од корупција и криминал.

Но дали реакциите на сите оние што реагираа на социјалните мрежи, изнесувајќи, како и обично, осуди за уште едно манифестирање ароганција и недопирливост од позиција на приграбена политичка моќ, би можеле да бидат отфрлени како хистерични и злонамерни коментари и напади? Македонските граѓани кои одвај сврзуваат крај со крај со минимилани средства за егзистенција, веројатно веќе и не веруваат дека е можно да видат министри и високи државни функционире кои се појавуваат пред медиумите со испотени чела и остри погледи, не за да раскажат дека играле партија пинг-понг, туку да ги соопштат постигнатите резултатите од нивната беспоштедна и неселективна борба против корупцијата, борба што е приоритет над сите приоритети и што не престанува и по завршувањето на нивното работно време. Таков рекламен филм тешко дека би можел да увери некого на посериозен начин во добрите и чесни намери на владините првенци, дури и во екот на предизборна кампања.






Корупцијата е глобален феномен, но создавањето услови и неопходни претпоставки за нејзино редуцирање и сузбивање значајно се разликуваат. Индексот на „Транспаренси интернешанал“ (ТИ), кој е најпрепознатлив во светот, ја мери „перцепираната“ корупција, а не вистинската. Се заснова на перцепциите на експерти кои припаѓаат на бизнисот, граѓанското општество, меѓународните организации и многу други извори. Според овој индекс, корупцијата се мери во форма на злоупотреба на јавната моќ за лична корист, но и во однос на одредени форми на непотизам и на нивото на способноста на властите да се спротивстават на корупцијата во јавниот сектор.

Индексот на ТИ се смета за релативно сигурен, но проценките засновани на искуство, преку мерење на фактичката корупција, вообичаено се попрецизни. Познато е дека врвните позиции во годишните рангирања на ТИ постојано ги заземаат скандинавските земји. Истражувањата на незвисниот СОМ-институт при Универзитетот во Гетеборг, кој располага со најголема дигитална база во светот за корупција во јавни институции, покажуваат дека приближно сamo 1 процент од жителите на Шведска биле замолени да платат поткуп во контакт со јавна власт во минатата година. Но и Евробарометарот на ЕУ за 2021 година покажа дека не повеќе од 1 процент од жителите на Шведска платиле или понудиле поткуп за да добијат пристап до одредена социјална услуга.

Тоа што Шведска се смета за една од земјите во светот со најниско ниво на корупција, е резултат на упорна работа која се спроведува повеќе од 200 години. Примери за таа работа се низа одлуки кои биле донесени во средината на 19 век, преку укинување на еснафите и воведување слободна трговија и Законот за друштва со ограничена одговорност, ограничувања на привилегиите на благородништвото и други мерки. Во модерно време, тоа се секако заложбите за јакнење на интегритетот, независната позиција и професионализацијата на медиумите, проширување на законодавството за заштита на свиркачите, построга легислатива за конкуренција и јавни набавки, саморегулација на многу сектори, згголемена државна поддршка за политичките партии, но и континуирано унапредување на граѓанската свест за штетните ефекти што корупцијата ги остава како пустош во општествениот систем.

Македонија слабо напредува на меѓународниот индекс на ТИ и според најновите мерења е на 85-то место, блиску до Косово, кое е пред неа, на 84-то место. Стратешката определба на Македонија е зачленување во ЕУ, но клучните реформски процеси се одвиваат споро, посебно кога станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и економските критериуми. ЕУ веќе има големи проблеми и тешки главоболки со свои членки од Источна Европа, кои на овои реформи гледаат со поинаква оптика од онаа за која се залага Брисел, а поради што многумина сметаат дека тие земји, меѓу кои, на пример, Романија, Унгарија и Бугарија, би требало да се запрашаат дали ЕУ претставува заедница каде што како членки сакаат да припаѓаат.

Но напори кои се прават во ЕУ во областа на сузбивање на корупцијата често се опишуваат како фрагментизирани и без соодветен механизам на мониторинг. Ако веќе се добиваат пари од фондовите на ЕУ тогаш мора и да се гарантира дека парите нема да завршат во погрешни џебови. Затоа сите ЕУ членки мора да изградат добар и ефикасен систем за борба против корупцијата.

Останува отворено прашањето колку и досега недостасувале механизми за надзор и контрола во рамки на ЕУ. Во Бугарија беше укажувано на раширената корупција како Ахилова пета веќе при зачленувањето на земјата во 2007 година. Како услов за членство ЕУ тогаш воведе посебен механизам наречен ЦВМ – исто така и за Романија – преку кој правосудниот систем на земјата постојано се контролира од страна на Европската комисија. Тој механизам, и по повеќе од една и пол деценија, уште е на сила. Но Бугарија и понатаму е на дното на ранг листите околу нивото на корупцијата. Бојко Борисов пред неколку години залудно се закануваше во предизборна кампања дека ќе ги укине „понижувачките посети“ на ЕУ експертите кои ја контролираат и критикуваат борбата против корупцијата во земјата.

Македонија тешко дека би можела да настапи со убедливи аргументи со кои нејзините досегашни реформски напори би биле перцепирани како сигурен исчекор и позитивно отклонување од негативните искуства кај нејзините соседи по нивното зачленување во ЕУ, а кои се постојано трн во окото на најгласните критичари на идното проширување на Унијата. Токму напротив, Македонија балансира на премногу тенок мраз за да може да се пофали со некакви позначајани постигнувања во областа на владеењето на правото и антикорупциската борба. Бројните, речиси секојдневни медиумски записи за коруптивни скандали и непотистички злоупотреби, повеќе од јасно зборуваат за тоа.

Прашање е колкав е процентот во Македонија, за разлика од оној 1 процент граѓани во Шведска кои биле замолени лани да платат извесен поткуп? Нема никакво сомневање дека е поразително висок. Она што како совет ќе го слушнете од кој било македонски граѓанин, обично звучи вака: „Ќе дадеш нешто, за побрзо да завршиш работа“. Тоа е таа нормалност што секој ја живее во своето секојдневие во Македонија. Вклучувајќи го и Груби и неговите пријатели и колеги министри. Нулта толеранција против корупцијата и криминалот е потребна, а помалку фудбалска топка што ризикува да го промаши голот и да заврши на трибините. Во непознат правец.

Поврзани содржини