ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ ЗЕЛЕНСКИ ВРОДУВААТ СО ПЛОД? Украинскиот претседател најави нов закон со кој ќе зајакнат актикорупциските институции
Тукушто го одобрив текстот на закон со кој се гарантира вистинско зацврстување на владеењето на правото во Украина, независноста на институциите за борба против корупцијата и сигурна заштита од руско влијание или мешање. Текстот е избалансиран, напиша Зеленски, а во Киев три дена траат протести против скорешниот закон со кој се ограничи независноста на антикорупциските државни тела.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски соопшти дека одобрил предлог-закон со кој се зајакнува независноста на специјализираните антикорупциски институции. Тој најави дека документот денеска ќе биде доставен до Врховната рада (украинскиот парламент), пренесе Укринформ, повикувајќи се на објава на претседателот на Телеграм.
„Тукушто го одобрив текстот на закон со кој се гарантира вистинско зацврстување на владеењето на правото во Украина, независноста на институциите за борба против корупцијата и сигурна заштита од какво било руско влијание или мешање. Текстот е избалансиран“, напиша Зеленски.
Тој нагласи дека најважно е антикорупциските тела – Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САП) – да располагаат со вистински инструменти, да немаат никакви руски врски и да останат целосно независни.
„Важно е да го чуваме единството. Важно е да ја зачуваме независноста. Важно е да ја почитуваме волјата на украинскиот народ и сме благодарни на сите кои ја поддржуваат Украина“, додаде украинскиот претседател.
И покрај најавата, засега не е познато кога парламентот ќе го разгледа новиот закон, особено што се очекува пратениците оваа недела да заминат на летна пауза.
Предлог-законот доаѓа по серија контроверзии: на 22 јули парламентот го изгласа законот за ограничување на надлежностите на НАБУ и САП, кој Зеленски го потпиша истиот ден. Законот предизвика бурни реакции – дел од пратениците веќе собираат потписи за поднесување иницијатива до Уставниот суд на Украина, додека во Киев и други градови веќе два дена траат протести.
Критичарите на мерките предупредија дека новото законско решение го става антикорупцискиот систем под контрола на обвинител назначен од Зеленски, што го отвора прашањето за политичко влијание врз независните институции.
И претставници на ЕУ јавно ја критикуваа одлуката за намалување на автономијата на НАБУ и САП.
Зеленски вчера изјави дека одржал состаноци со раководителите на антикорупциските и на безбедносните институции и им дал рок од две недели да подготват конкретни препораки пред новиот закон да биде доставен до парламентот. Но, денеска не прецизираше дали ќе го повлече претходниот закон кој ги ограничува овластувањата на антикорупциските тела, ниту ги објави деталите од новиот предлог.
Во Киев вечерва се очекуваат нови улични протести.