ПРОТЕСТИТЕ НЕ СТИВНУВААТ, ТУКУ СЕ ЗАСИЛУВААТ Жителите на Аеродром ќе протестираат од 15 до 18 часот

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ најави поинтензивни протести, со блокада во периодот кога граѓаните се враќаат од работа.

125

Жителите на Аеродром, Ново Лисиче и Маџари денеска повторно ќе излезат на протест против загадувањето од Вардариште, но овојпат со променета саатница.

Според иницијативата „Стоп за Вардариште“, блокадата на крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ ќе започне од 15 часот и ќе трае до 18 часот – токму во време кога најголем дел од скопјани се враќаат од работа.






Од иницијативата велат дека ова е реакција на, како што го нарекуваат, игнорантскиот однос на институциите кон проблемот што со години ги мачи жителите на овие општини.

„Бидејќи никој не нè слуша, протестите ќе бидат поинтензивни и поочигледни. Нема да застанеме додека не се преземат вистински мерки за Вардариште“, истакнуваат од иницијативата.

Речиси еден месец, жителите го блокираат сообраќајот на истата локација, предупредувајќи дека токму Аеродром и Гази Баба најмногу страдаат од чадот и загадувањето што доаѓа од депонијата.

Протестите се очекува да продолжат и во наредниот период, сè додека надлежните не понудат конкретни решенија за овој долгогодишен проблем.

Поврзани содржини