📽️ ПРОТЕСТИ ГО ПАРАЛИЗИРАА ИЗРАЕЛ Илјадници против Нетанјаху, бараат прекин на огнот со Хамас

Нетанјаху под притисок, протестите растат, додека Хамас најавува подготвеност за примирје според новиот меѓународен план.

762

Десетици илјади Израелци денеска излегоа на улиците во повеќе градови низ земјата, барајќи итно ослободување на заложниците од Појасот Газа и прекин на огнот. Демонстрации и блокади на патишта беа организирани на повеќе локации, при што главниот автопат во близина на Тел Авив беше блокиран, а северно од крајбрежниот град демонстрантите палеа гуми.

Организатор на протестите е Форумот на заложници и исчезнати семејства, кој ги повика граѓаните на масовна мобилизација под слоганот „Израел стои заедно“. Голем централен протест е најавен за вечерва на плоштадот во центарот на Тел Авив, каде што се очекува силна поддршка за семејствата на заложниците.

 






Демонстрантите остро го обвинија премиерот Бенјамин Нетанјаху дека намерно ја продолжува војната од политички причини. Според нив, неговите крајнодесничарски коалициски партнери, од кои зависи неговата власт, жестоко се спротивставуваат на секој обид за постигнување примирје.

Протестите следат откако пред нешто повеќе од една недела стотици илјади Израелци излегоа на улиците во знак на солидарност со семејствата на заложниците. Сè уште се смета дека во Газа има околу 50 заробени лица, од кои околу 20 се живи.

 

Во меѓувреме, исламистичката организација Хамас објави дека ја прифатила најновата верзија на предлогот за прекин на огнот, изготвен со посредство на Египет и Катар. Според медиумските извештаи, планот предвидува 60-дневен прекин на огнот, во рамките на кој би биле ослободени првично десет живи заложници во замена за палестински затвореници.

Поврзани содржини