Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Филипче немаш образ веќе да излегуваш пред граѓаните

482

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ,  Јадранка Поцкова на денешниот протест пред Министерството за здравство, порача дека министерот за здравство не покажал никаква грижа за граѓаните, па по тоа нема веќе ни образ да излегува пред граѓаните, затоа што власта во трката по провизии има грижа само за сопствените џебови.






– Се собравме да кажеме не на погрешните политики на лошиот менаџмент на Венко Филипче и власта.Се собравме да им дадеме поддршка на здравствените работници, од самиот почеток на пандемијата укажувавме дека истите здравсвени работници ги немаат основните услови за работа ракавици, маски, мантили и скафандери, но власта на Венко Филипче не обвинуваше дека шириме лажни вести и го деморализира народот, за жал на крајот дознавме дека Македонија нема да добие помош од Солидарниот фонд 530 милиони евра од Европската унија затоа што Македонија не направила доволно расходи во време на првиот бран на Ковид кризата, односно државата со негрижата кон здравствените работници и граѓаните не се квалификувала за да добие помош од Солидарниот фонд – рече Поцкова.

Таа истакна на денешниот протест дека граѓаните се вакцинираат со вакцини кои се од донации.

– Власта постојано има оправдувања и дежурни виновници па се правдаат дека имало голем број заразени и во соседните земји и таму за жал некој ја губел битката со вирусот. Но, едно забораваат, во развиените земји процентот на вакцинирани е голем и таму крајот на пандемијата се гледа. Ја потсетуваме власта дека сме на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани, на листата сме заедно со Египет, Уганда, Екваторијална Гвинеа и други. Не можаме да кажуваме цифри на заразени веќе затоа што од ден на ден се менуваат со голема бројка, народот веќе  не може да го издржи притисокот од црната ковид статистика, а истата е депримирачка – порача Поцкова.

Пратеничката порача дека најголем виновник за црната статистика е министерот Венко Филипче кој не направил ништо за да се подобри состојбата со заразените и единствено што направи е да ги исполни желбите на власта.

Поцкова праша што се чекаше до сега за да се намали цената на чинење на здравствените услуги во приватните болници, и иако постои законско решение не постоеше волја кај власта да им го обезбеди истото на граѓаните кои се задолжуваа и сеуште се задолжуваат за да го платат своето лекување.


На протестот актерот Роберт Вељановски истакна дека ова е гласно спротивставување против неправдите, штетите и трагедиите кои ненародната власт предводена од СДСМ ги прави врз граѓаните на Република Македонија и протест против хаосот во здравството, но и против сеопштиот хаос кој владее во Република Македонија. Она што требаше да го направат, резултира не само со губење на човечки животи, туку и со разорување на македонската економија. Цели стопански гранки зависат од имунизацијата. Угостителите, туристичките работници, конфекциите не работат. Не работат ни македонските театри, македонските музичари се на работ на егзистенцијален колапс, индустријата за организирање настани е пред дефинитивен банкрот. И го повика министерот за здравство Венко Филипче да си поднесе оставка.

– Наместо она што беше нужно потребно, повеќе од 13 месеци добиваме само лаги, инцидентни решенија, крај на јануари – средина на февруари, лаги, ветувања, па не во февруари, ама сигурно во првата недела од март, па лаги, избрзани решенија на необмислени прес конференции, лаги, па ретерирања, па не март, април, па повторно лаги, па најава за вакцини, па лаги, па подарок вакцини, па лаги, па почеток на општа имунизација, со замислете, 5.000 вакцини, па пак  лаги. За волја на вистината, единствено добивме лаги, менување на ставови и одлуки, најновата, на 15 април, бидејќи нели имаме вакцини за имунизација на целото население, не ни требаа вакцини од Институтот Торлак од Србија, а утре дента на 16 април праќате тим да преговара во Белград, за да договори стратешко партнерство со Институтот Торлак. Срамно и недостоинствено. Судбината на Македонија и на нејзините граѓани е во рацете на луѓе кои носат одлуки согласно дневна агенда и инспирација. Срам за цела држава, достоинство нула – рече Вељановски.

За 13 месеци, 4388 наши сограѓани починаа од последиците на ковид-19.Од нив, 1024-ца, се лица кои починале во последните 30 дена, од 16 март до 16 април. Ова се поразителни факти, посочи Вељановски.

Поврзани содржини