ПРОСЕЧНАТА НЕТО-ПЛАТА ВО МАЈ ИЗНЕСУВА 49.544 ДЕНАРИ Највисоки се платите во информатичкиот сектор, а најниски во хотелерството
Во однос на истиот месец лани просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 8,2 %
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2026 година, изнесуваше 49.544 денари, соопшти Државниот завод за статистика.
Во однос на истиот месец лани просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 8,2%.
Ваквото зголемување во однос на ланскиот мај се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: „снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“ за 11,9%, „уметност, забава и рекреација“ за 11,3% и „транспорт и складирање“ за 10,9%.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: „трговија на големо и трговија на мало“; „поправка на моторни возила и мотоцикли“ за 6,3%, „рударство и вадење камен“ за 5,8% и „транспорт и складирање“ за 5,7%.
И овој месец највисоки просечни плати има информатичкиот сектор, а најниски во хотелиерството и угостителството.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во мај 2026 година изнесуваше 74.482 денари и е повисока во однос на истиот месец лани за 8,2 %.
